Балкан

Заедничката седница помеѓу владите на Северна Македонија и Косово ќе се одржи во Скопје

Портпаролот на Владата, Хоџа, информираше дека меѓувладината седница ќе се одржи во Скопје, а датумот ќе треба да го одредат премиерите на двете земји, Зоран Заев и Рамуш Харадинај

Husamedin Gina   | 12.06.2019
Заедничката седница помеѓу владите на Северна Македонија и Косово ќе се одржи во Скопје

СКОПЈЕ (АА) - Портпаролот на Владата на Северна Македонија, Муамет Хоџа, одржа редовна прес-конференција на која информираше за донесените одлуки на редовната 139. владина седница, јавува Anadolu Agency (AA).

Портпаролот Хоџа истакна дека Владата е во подготовка за заедничката седница помеѓу владите на Република Северна Македонија и Република Косово. 

„Во рамки на подготовките за седницата, течат разговори за дефинирање на соработки помеѓу двете земји, во неколку области и тоа: транспорт и инфраструктура, трговија и економски развој, соработка со дијаспората, внатрешни работи, правда, земјоделство, шумарство и водостопанство, здравство, култура, образование“, нагласи портпаролот Хоџа.

Хоџа информираше дека меѓувладината седница ќе се одржи во Скопје, а датумот ќе треба да го одредат премиерите на двете земји, Зоран Заев и Рамуш Харадинај. 

На редовната прес-конференција, одговарајќи на новинарско прашање што ќе преземе Владата во врска со најавата на бугарската министерка за надворешни работи, Екатарина Захариева, дека тие ќе ја прекинат работата на заедничката комисија доколку не се утврди дека Гоце Делчев бил Бугарин, портпаролот на Владата, Хоџа, рече дека се надеваат оти заедничката комисија формирана меѓу двете влади ќе изнајде решение. 

„Република Северна Македонија и Република Бугарија во согласносност со договорот за соработка, пријателство и добрососедство формираа заедничка комисија која треба да изнаоѓа решенија во насока токму на пријателските и добрососедските односи меѓу двете држави. Заедничката комисија формирана меѓу двете земји, од двете влади, треба, се надеваме дека ќе изнајде решение“, нагласи Хоџа. 

Исто така, на новинарско прашање, во однос на изјавата на претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск, дека нема подготвеност за отпочнување на преговорите за ЕУ со Северна Македонија во наредните денови, портпаролот на Владата рече: „Владата на Република Северна Македонија се надева дека ќе имаме и датум за започнување на преговорите. Тоа треба да биде до крајот на месецот. Владата на Република Северна Македонија посветено работеше на спроведување на сите реформи кои ни го отвораат нашиот пат кон членството во Европската Унија.“ 

Владата на Република Северна Македонија на синоќешната седница ја усвои и информацијата за постапување по препораките на УНЕСКО и одлучи да продолжи со исполнувањето на релевантните препораки и одлуки на УНЕСКО, во насока на зачувување на статусот светско наследство на природното и културното наследство во Охридскиот Регион. 

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.