Државјаните на Србија, Косово, Црна Гора и БиХ за влез во Северна Македонија ќе мора да приложат негативен ПЦР тест
Одлуката стапува на сила на 9 јули

СКОПЈЕ (АА) - Владата на Република Северна Македонија, на денешната седница донесе одлука државјаните на Србија, Косово, Црна Гора и Босна и Херцеговина за влез во земјата да мора да приложат негативен ПЦР тест, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во писменото соопштение на Владата се наведува дека на денешната седница донесено е дополнување на Одлуката за мерки за спречување на внесување и ширење на коронавирусот, Ковид-19.
„На 75-тата седница што се одржа денеска, донесено е дополнување на Одлуката за мерки за спречување на внесување и ширење на коронавирусот, Ковид-19, со која од државјаните на Република Србија, Република Косово, Црна Гора и Босна и Херцеговина при влез на граничен премин на територијата на Република Северна Македонија, ќе се бара задолжително да приложат медицинска потврда со негативен резултат од тест RT PCR SARS-CoV-2, направен 72 часа пред влез на територијата на нашата земја и да приложат пополнета изјава со лични податоци за местото на престојување и временскиот период на престојот“, се нагласува во соопштението.
Одлуката стапува на сила од 9 јули.
Потсетуваме дека врз основа на препораките на Комисијата за заразни болести, Владата на Република Северна Македонија на 26 јуни 2020 година донесе одлука за целосно отворање на сите гранични премини за непречено движење на патници и возила без приложување на ПЦР тестови, и без упатување во домашна изолација или спроведување во задолжителен државен карантин.
Претходно, Северна Македонија на 16 март ги затвори сите гранични премини во земјата со цел спречување на ширењето на коронавирусот Ковид-19.