Балкан

Ден на независноста на Босна и Херцеговина: 27 години од референдумот

Референдумското прашање гласеше: „Дали сте за суверена и независна Босна и Херцеговина, држава на рамноправни граѓани, народи на БиХ - Срби, муслимани, Хрвати и припадници на другите народи кои во неа живеат?“

Senita Şeherçehayiç  | 01.03.2019 - Обновена : 02.03.2019
Ден на независноста на Босна и Херцеговина: 27 години од референдумот

САРАЕВО (AA) - Поминаа 27 години од одржувањето на референдумот за независноста на Босна и Херцеговина, на кој од 64 отсто од граѓаните што излегоа на гласање, 99,44 отсто гласаа за независност, пишува Anadolu Agency (AA).

Референдумското прашање гласеше: „Дали сте за суверена и независна Босна и Херцеговина, држава на рамноправни граѓани, народи на БиХ - Срби, муслимани, Хрвати и припадници на другите народи кои во неа живеат?“

Референдумот за независноста одржан на 29 февруари и 1 март 1992 година, значеше и потврда за определувањето на повеќето граѓани кон иднината на БиХ, но беше и вовед во три и полгодишната крвава војна, агресија на БиХ, која однесе повеќе од стотици илјади жртви, а повеќе од милион граѓани на БиХ се протерани од огништата.

Указот за прогласувањето на Законот со кој 1 Март се прогласува за Ден на независноста на БиХ и за државен празник го потпиша претседателот на Претседателството на Република Босна и Херцеговина, Алија Изетбеговиќ, на 6 март 1995 година, три години откако Републичката изборна комисија на Социјалистичка Република Босна и Херцеговина ги потврди резултатите од референдумот за одредувањето на статусот на Босна и Херцеговина.

Претходно, Законот за 1 Март го донесе Собранието на Република Босна и Херцеговина, на 28 февруари 1995 година. Но денес овој ден како Ден на независноста се одбележува само на дел на територијата на БиХ, во ентитетот на Федерацијата БиХ.

- Дисолуција на СФРЈ и преговори 

Одлуката за одржување на референдумот за независноста во Собранието на СР БиХ е донесена во време на дисолуција на поранешната Социјалистичка Федеративна Република Југославија (СФРЈ), кога поранешните југословенски републики Словенија и Хрватска веќе прогласија независност. Беше тоа време на интензивни, но претежно неуспешни разговори, на шест претседатели на Претседателството на југословенските републики за изнаоѓање излез од кризата, но и време кога воените случувања од Хрватска веќе се прелија во Босна и Херцеговина, со нападот на тогашната Југословенска народна армија во септември 1991 година на селото Равно, во југоисточна Херцеговина.

Во БиХ тоа беше време на формирање паралелни структури на власта. Под водство на тогашната Српска демократска партија, на Пале, недалеку од Сараево, на 24 октомври 1991 година, формирано е таканаречено Собрание на српскиот народ во Босна и Херцеговина, кое на 9 јануари 1992 година ја усвои Декларацијата за прогласување на таканаречената Српска Република Босна и Херцеговина (чие име во август 1992 година е сменето во Република Српска). Во Груда на 18 ноември 1991 година е прогласена таканаречена Хрватска заедница Херцег-Босна.

За судбината на републиките од поранешна Југославија, па и на БиХ, интензивно се разговараше и на меѓународен план. Во холандскиот град Хаг на 5 ноември 1991 година одржана е Конференција за Југославија по која Арбитражната комисија на Конференцијата донесе оценка дека се работи за дисолуција на земјата. Практично, тоа значеше дека СФРЈ веќе нема правен идентитет на меѓународен план.

Европската заедница на 16 декември 1991 година ја усвои Декларацијата за Југославија, со која се повикани југословенските републики до 23 декември да аплицираат за статус на независни држави. Претседателството на СР БиХ три дена пред истекот на рокот, без гласови од српските членови, донесе одлука за поднесување барање за признавање на СР БиХ како независна држава. Меѓутоа, извештајот на Арбитражната комисија на Конференцијата за Југославија, со која претседаваше Роберт Бадинтер, го услови меѓународното признавање на Босна и Херцеговина со спроведувањето на општиот референдум за независноста под меѓународна контрола.

Водено со тој услов, Собранието на СР БиХ на бурна и тешка седница на 25 јануари 1992 година донесе одлука за распишување референдум за статусот на Босна и Херцеговина. Истовремено, донесена е одлука за повлекување на претставниците на СР БиХ од сите сојузни државни органи и организации на СФРЈ.

- Одлука за референдум и закани

За собраниската одлука за референдум гласаа претставниците на Бошњаците и Хрватите, а не доби поддршка од повеќето претставници од српскиот народ, кои пред гласањето, на предлог на Српската демократска партија (СДС), која ја предводеше денешниот хашки обвинет Радован Караџиќ, го напуштија заседавањето. Одлуката е донесена недолго по отворената закана која пред очите на целата босанскохерцеговска, но и светска јавност, Радован Караџиќ, првостепено осуден за воени злосторства и геноцид во БиХ пред Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија, ја упати на муслиманскиот народ.

„Ова не е добро што вие го правите. Ова е патот на кој вие сакате да ја однесете Босна и Херцеговина, истиот оној автопат на пеколот и страдањето низ кои поминаа Словенија и Хрватска. Немој да мислите дека нема да ја донесете Босна и Херцеговина во пекол, а муслиманскиот народ, можеби во исчезнување. Муслиманскиот народ нема да може да се одбрани ако војната биде тука“, порача Караџиќ од собраниската говорница на 15 октомври 1991 година, за време на донесувањето на Актот за реафирмација на сувереноста на Република Босна и Херцеговина, кој претходеше на одлуката за референдум.

На оваа изјава веднаш реагираше Алија Изетбеговиќ, тогашен претседател на Претседателството на Р БиХ.

„Неговиот (Караџиќ) начин на излагање, неговите пораки, можеби на најдобар начин објаснуваат зошто ние можеби веќе и нема да останеме во Југославија... Неговиот начин на излагање, неговите пораки, можеби најдобро објаснуваат зошто и другите не сакаат да останат во таа Југославија. Таква Југославија каква што сака господин Караџиќ не сака никој повеќе. Не сака, можеби никој веќе освен српскиот народ. Таква Југославија во очите на југословенските народи, Словенци, Хрвати, Македонци, Албанци, Унгарци, муслимани... едноставно ја замразеа, како и во очите на Европа и светот. Таквиот начин како што тоа Караџиќ го прави“, истакна Изетбеговиќ.

Според одлуката на Собранието на СР БиХ, референдумот за независноста го спроведе Републичката изборна комисија и општинските изборни комисии.

Тогашниот СДС направи сè за да ги оневозможи граѓаните од српска националност да учествуваат во референдумот. Приврзаниците на СДС жестоко се спротивставија на референдумот, а многу од нив беа и вооружени. Медиумите известуваа за пречки на патот за да се оневозможи доставувањето на референдумскиот материјал.

Сепак, на референдумот излегоа граѓаните од српска националност кои живееја претежно во поголемите градови. Според новинските извештаи, првиот ден од референдумот Србите од Јајце излегоа на гласање во некои населби. Се наведува дека во Тузла гласаа граѓани од сите националности... Другиот ден од референдумот почна во поопуштена атмосфера, бидејќи стаса веста дека ноќта претходно се отстранети барикадите на Комар.

Миро Лазовиќ, еден од основачите на Форумот на парламентарците на БиХ 1990, кој во времето на референдумот беше пратеник во Собранието на СР БиХ, беше меѓу српските претставници кои ја поддржаа одлуката за одржување референдум. Потоа, и тој и неговото семејство беа изложени на директни закани. Лазовиќ, кој за време на опсадата и војната остана во Сараево, еднаш рече дека Први март ќе остане една од најсветлите точки во историјата на БиХ.

- Напад на суверена и меѓународно призната БиХ

Пред затворањето на гласачките места, Алија Изетбеговиќ на конференцијата за новинарите изјави: „Мислам дека можеме да кажеме дека не само што сме суверена и независна држава, туку сме и меѓународно призната држава.“

Само неколку часови по таа изјава, новите слики од главниот град на БиХ го шокираа светот. Во предвечерјето на 1 март во Башчаршија, кај Старата православна црква, убиен е српскиот сват Никола Гардовиќ. Тоа беше повод во организацијата на тогашната СДС во текот на ноќта да бидат кренати барикади на сите поважни раскрсници во Сараево.

Наредниот ден, градот осамна потполно блокиран. Кризниот штаб на СДС објави барање да запрат сите активности за признавање на суверена и независна БиХ. Дневниот весник „Ослободување“ („Oslobođenje“) осамна со насловна страница „Барикади против Сараево“.

Но, босанско-херцеговските патриоти бргу се организираа и одговорија на барикадите. Од Добриње кон центарот на градот тргна првата поворка луѓе пред која маскираните екстремисти од барикадите почнаа да се повлекуваат...

На 6 март 1992 година Републичката изборна комисија ги прогласи резултатите од референдумот.

Од вкупниот број гласачи 3.253.847, на републичкиот референдум за утврдување на статусот на БиХ излегоа и гласаа 2.073.568 граѓани со право на глас или 64,31 отсто.

Од вкупниот број (2.073.568) граѓани кои гласаа на републичкиот референдум за утврдување на статусот на БиХ на 29 февруари и 1 март 1992 година, за суверена и независна БиХ, држава на рамноправни граѓани, народи на БиХ - муслимани, Срби, Хрвати и припадници на другите народи кои живеат во неа, се изјаснија 2.061.932 граѓани или 99,44 отсто.

Овие резултати овозможија меѓународно признавање на БиХ како независна држава. Земјите членки на Европската заедница ја признаа БиХ на 6 април 1992 година. Соединетите Американски Држави (САД) ја признаа БиХ ден подоцна односно на 7 април.

БиХ на 22 мај 1992 година е примена во полноправно членство на Обединетите нации.

Но веќе во првите денови од босанско-херцеговската независност почнаа напади на Сараево и целата БиХ... Воениот пекол заврши три и пол години подоцна со преговори во американската воена база „Рајт Патерсон“ во градот Дејтон, а потоа со потпишувањето на Дејтонскиот мировен договор на 14 декември 1995 година во Париз.

Со Мировниот договор потврдени се меѓународно признатите граници, суверенитетот и територијалниот интегритет на државата Босна и Херцеговина. Но признато е и нејзиното внатрешно територијално уредување кое значи поделба на два ентитети - Федерација Босна и Херцеговина (51 отсто од територијата) и Република Српска (49 отсто).

Алија Изетбеговиќ можеби најдобро го опиша постигнатиот Мировен договор: „Во светот каков што е и со луѓето какви што се, не можеше повеќе да се постигне.“

- Недостатоци и алтернативи на Дејтон -

Дејтонскиот мировен договор и Уставот на БиХ, кој е донесен како негов составен дел, важат и денес. Комплицираното државно уредување, со 14 парламенти и влади на различни нивоа на власта, преголемата администрација и повеќекратната поделба на надлежностите, е значајна пречка за економскиот и секаков друг напредок на БиХ.

Во изминатите години имаше и позитивни исчекори во намера да се поправат недостатоците на дејтонскиот Устав. Меѓу нив е одлуката на Уставниот суд на БиХ за конститутивноста на трите народи - Бошњаци, Хрвати и Срби, на целата територија на БиХ.

Одлуката е спроведена на начин што се изменети ентитетските устави во смисла на воведување еднакви права на трите народи во органите на законодавната, извршната и судската власт. Суштински конститутивноста на сите три народи на подрачјето на целата држава и во сите сфери никогаш не заживеа.

Европскиот суд за човекови права во Стразбур во 2009 година донесе пресуда во предметот „Сејдиќ-Финци“ против Босна и Херцеговина. Имплементацијата на пресудата значи измена на Уставот на БиХ, со која би се изедначиле сите граѓани на БиХ за време на кандидирањето за член на Претседателството на БиХ и во Домот на народите на Парламентарното собрание на БиХ и тоа стана право на сите, а не само на припадниците на трите конститутивни народи (Бошњаци, Хрвати, Срби).

Пресудата не е спроведена на дело.

- Европски пат

Во годините претходно, формирано е државно Министерство за одбрана и Вооружени сили на БиХ, кои се денес на ниво на обученост со кое учествуваат во меѓународните мировни мисии под водство на НАТО.

БиХ на 15 февруари 2016 година ја предаде апликацијата за членство во Европската Унија (ЕУ), која е усвоена во септември таа година. Наредните чекори поврзани за ЕУ-интеграциите на БиХ се очекуваат по формирање на извршната власт на државно ниво, врз основа на резултатите од општите избори во земјата кои се одржаа во октомври 2018 година.

Први март како Ден на независноста на БиХ се одбележува само во Федерацијата БиХ, додека тој празник не се одбележува во ентитетот Република Српска.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.