Балкан

Во Скопје одбележан 2 Април – Светскиот ден за подигнување на свеста за аутизмот

„Бројот на лица со аутизам постојано се зголемува, и на бројот на деца, заради тоа што методите на дијагностика се подобрени во последните години. Официјална бројка во Република Северна Македонија не постои...“

Husamedin Gina   | 02.04.2021
Во Скопје одбележан 2 Април – Светскиот ден за подигнување на свеста за аутизмот Фото: Husamedin Gina/AA

СКОПЈЕ (АА) – Во Скопје со симболично трчање на Кејот на Вардар е одбележан 2 Април – Светскиот ден за подигнување на свеста за аутизмот, јавува Агенција Анадолија (АА).

Во организација на здружението „Сина Светулка“, која работи на подобрување на квалитетот на животот на лицата со аутизам, и атлетскиот клуб „Кор Ранерс“ денеска околу 50 лица симболично истрчаа околу два километри за подигнување на свеста за аутизмот.

Јасмина Трошанска од здружението „Сина Светулка“ во изјавата за АА истакна дека со атлетскиот клуб „Кор Ранерс“ организираат симболична трка со цел да ја подигнат свеста за оваа проблематика во Северна Македонија, посебно на недостатокот на спортот кај младите лица кои се соочуваат со аутизмот.

„Бројот на лица со аутизам постојано се зголемува, и на бројот на деца, заради тоа што методите на дијагностика се подобрени во последните години. Официјална бројка во Република Северна Македонија не постои. Меѓутоа, последните истражувања зборуваат дека на ниво на Европа има над 5 милиони деца со нарушување на спектарот на аутизам“, нагласи Јасмина Трошанска.

Бојан Сапунов, претставникот на Атлетскиот клуб „Кор Ранерс“ од Скопје, рече дека многу им е драго во нивните редови да ги вклучат и лицата со аутизам, и да спортуваат заедно со нив.

Сапунов, по повод 2 Април – Светскиот ден на подигнување на свеста за аутизмот, испрати порака до сите лица со аутизам кои живеат во земјата.

„Би пратил порака дека сите се добредојдени, во секое време да се со нас. Ние не правиме никакви разлики. Баш би ни било драго во што е можно поголем број да ни се вклучат во трчањето и спортувањето“, рече Сапунов.

Тој додаде дека во симболичното трчање се приклучуваат и лицата со аутизам.

Секоја година на 2 Април се одбележува Светскиот ден за подигнување на свеста за аутизмот во светски рамки.

Основна цел е поддршка во подобрувањето на квалитетот на живот на луѓето што страдаат од аутизам.


На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.