АНАЛИЗА - Зошто Република Српска го слави 9 јануари?
Со одбележувањето на 9 јануари, Додик и неговиот режим покажуваат дека не ги почитуваат институциите на БиХ

Пишува: Хамза Кариќ
- Авторот е вонреден професор на Факултетот за политички науки во Сараево
САРАЕВО (АА) - Република Српска на 9 јануари оваа година одржа свеченост по повод одбележување 30 години од основањето. Освен политичкиот врв на овој босанскохерцеговски ентитет, присуствуваа и амбасадорот на Русија во Босна и Херцеговина (БиХ) и претставник на Кинеската амбасада. Во Бања Лука се упатија и двајца француски пратеници во Европскиот парламент. Помеѓу ВИП-гостите беше и осудени воен злосторник. Што ги собра на овој собир? - одбележувањето на датумот кој е прогласен за неуставен.
Во јануари пред триесет години лидерите на босанските Срби го започнаа процесот на сецесија. Набрзо откако БиХ го одржа референдумот за независност на 1 март, раководството на екстремистите на босанските Срби операционализираше план за геноцид. Следуваше три и полгодишниот напад врз БиХ. Најбруталната фаза на геноцидот врз муслиманското бошњачко население низ земјата во текот на три и пол години извршена е во Сребреница во јули 1995 година.
По завршувањето на војната, на клучните основачи на овој ентитет им е судено пред Меѓународниот кривичен суд за поранешна Југославија, кој го основале Обединетите нации (ОН). Многу луѓе во БиХ и пошироко се надеваа дека во годините по војната, меѓународно утврдената правосудна вистина ќе биде прифатена како факт и дека изречените затворски казни ќе значат одвраќање од идни воени злосторства. Всушност, се случи сосема спротивното.
Не само што дојде до широко распространето негирање на геноцидот во БиХ, туку дојде и до трендот на величање на геноцидот и воените злосторства. Босанско-австралискиот научник Харис Халиловиќ го создаде изразот „триумфализам“ за ова да го означи како последна фаза од геноцидот во БиХ.
Она на што сведочиме од летото 2021 година и сѐ уште, е продолжение на „триумфализмот“ со отцепување кое е во тек. Од крајот на јули минатата година, лидерите на босанските Срби ефективно го блокираат функционирањето на земјата како одмазда за одлуката на поранешниот висок претставник да го забрани негирањето на геноцидот. Народното собрание на Република Српска во декември го отвори патот на овој ентитет за усвојување на закон за воспоставување паралелни институции во областа на одбраната, безбедноста, данокот и правосудството.
- Што е намерата на Додик?
Овогодишната церемонија на 9 јануари е одржана додека се одвива процесот кој води кон сецесија. Одбележувањето на овој контроверзен датум отвора три проблеми: (I) Уставниот суд на БиХ пресуди дека 9 јануари е неуставен, (II) 9 јануари е длабоко навредлив за Бошњаците и Хрватите кои страдаа како резултат на сецесијата и војната и (III) овогодишното одбележувње е удар, не само за Бошњаците туку и за Соединетите Американски Држави (САД). Администрацијата на Бајден на почетокот на јануари воведе нови санкции за Милорад Додик, но овие и претходните санкции немаа влијание за промена на неговото однесување. Напротив, изгледа дека го охрабруваат. Неговиот пркосен став на 9 јануари тоа и го потврди.
Со одбележувањето на 9 јануари, Додик и неговиот режим покажуваат дека не ги почитуваат институциите на БиХ. Инсистирајќи на одбележувањето на овие неуставни годишнини, тој се обидува да покаже дека институциите на државно ниво во БиХ се нефункционални и дека нивниот опсег не се протега на целата држава. Повикувањето на странските политичари и дипломати има за цел да покаже дека постои меѓународна поддршка за неговата политика. Неговата политичка опозиција можеби не се согласува со неговата тактика, но на иста страна е во однос и на ова и на многу други прашања.
Каде оди Босна и Херцеговина, останува да се види. Поголемиот број аналитичари се согласуваат дека ова е најтешката политичка криза од потпишувањето на Дејтонскиот мировен договор во 1995 година, а сѐ поголем број предвидуваат сецесија. Доказите не треба да се бараат подалеку од моменталниот премиер на ентитетот. Запрашан на РТРС како ја гледа иднината на Република Српска за триесет години, неговиот одговор беше јасен: „Самостојна и независна“.
*Мислењата изразени во овој текст се авторски и нужно не ја одразуваат уредувачката политика на Агенција Анадолија (АА)
(Овој текст изворно е објавен на англиски јазик под насловот „Анализа - Зошто Република Српска го слави 9 јануари? (ANALYSIS - Why is Republika Srpska Celebrating January 9?))