Mücahit Türetken
02 Март 2018•Ажурирај: 03 Март 2018
ИСТАНБУЛ (АА) - Министерот за одбрана на Турција, Нуретин Џаникли, денес во Истанбул изјави дека од почетокот на операцијата „Маслинова гранка“, покрената на 20 јануари со цел неутрализација на терористичките елементи на ПЈД/ПКК и ДЕАШ во северозападниот сириски регион Африн, ослободена е територија со површина од 615 километри квадратни и неутрализирани се вкупно 2.295 терористи, јавува Anadolu Agency (AA).
Џаникли потсети дека денес е 42.ден од почетокот на операцијата во Африн и изјави дека Вооружените сили на Турција (ТСК) напредуваат кон центарот на тој град.
„На површина од вкупно 615 километри квадратни ослободени се 95 населби и 28 стратешки точки. За жал за време на операцијата имаме 41 шехид од редовите на ТСК и 116 од редовите на Ослободителната војска на Сирија, вкупно 157 шехиди. Од почетокот на операцијата неутрализирани се 2.295 терористи. Во борбата против тероризмот нема примирје и борбата се продолжува се до неутрализирање и на последниот терорист. Оваа операција ќе биде продолжена до потполното извршување на задачите “, изјави Џаникли на церемонијата на доделување на дипломите на првата генерација официри кои ја завршиле обуката на Инстинтутот за воена командна обука при Министерството за одбрана на Турција.
Операцијата во Африн започна на 20 јануари во согласност со турското право засновано на меѓународното право и резолуциите на Обединетите нации, особено на оние што се однесуваат на борбата против тероризмот 1624 (2005), 2170 (2014) и 2178 (2014).
Турција се повикува и на членот 51 од Договорот на ОН, односно на Правото на самоодбрана. Операцијата се спроведува со целосно почитување на територијалниот интегритет на Сирија.
Силите лојални на режимот на сирискиот претседател Башар ал Асад во јули 2012 година, без борба, на терористите на ПЈД/ПКК им ја препуштија контролата врз Африн, по што овој град стана еден од главните центри на терористичката организација.
ПЈД/ПКК е сириски огранок на терористичката организација ПКК, која се наоѓа на листата терористички групи во Турција, САД и Европската Унија. ПКК уште од средината на 1980-тите години води терористичка кампања против Турција.