Berk Özkan
23 Јуни 2019•Ажурирај: 23 Јуни 2019
ИСТАНБУЛ (АА) - Бинали Јилдирим, кандидатот на АК Партијата за градоначалник на Истанбул, гласаше во истанбулската населба Тузла, јавува Anadolu Agency (AA).
Јилдирим, на избирачкото место пристигна во придружба на својата сопруга Семиха Јилдирим.
По остварувањето на гласачкото право, Јилдирим рече дека кандидатите во текот на кампањата говореле и ги презентирале своите проекти и планови, и дека денес зборот го имаат избирачите од Истанбул, кои ќе изберат градоначалник што ќе ја води градската управа во следните пет години.
„Ние ќе ја почитуваме одлуката на народот, а уверен сум дека тоа ќе биде вистинската одлука“, рече Јилдирим.
Тој истакна дека изборите се одлична можност досегашните искуства на Турција да се искористат и во Истанбул како светска метропола.
Врховната изборна комисија на Турција соопшти дека бројот на гласачите кои до 17:00 часот по локално време ќе имаат можност да го искористат своето демократско право за време на денешните избори, изнесува 10.560.963 лица на вкупно 31.342 гласачки места, во 39 области во градот.
На изборите на 31 март се натпреваруваа 32 кандидати, од кои 24 независни кандидати, додека во повторените избори ќе има само 21 кандидат, вклучувајќи ги и кандидатите на Партијата на правдата и развојот (AK Parti), Републиканската народна партија (CHP), Партијата Саадет, и Партијата Ватан, заедно со 17 други независни кандидати.
Врховната изборна комисија донесе одлука за повторување на изборите во Истанбул откако околу 30.281 гласови во 108 гласачки места беа прогласени за неважечки поради тоа што листовите за пребројување на гласовите не биле потпишани или недостасувале.
Исто така, во 754 гласачки центри на изборите на 31 март во Истанбул беше откриено дека биле ангажирани членови на комисијата кои не биле државни службеници.
На 31 март, излезноста на изборите изнесуваше 83,88 отсто, шест отсто помалку од претходните локални избори на 30 март во 2014 година.
Според официјалните разултати на турската Врховна изборна комисија, на локалните избори од 31 март, Имамоглу доби 48,8 отсто од гласовите во Истанбул, додека Јилдирим освои 48,55 отсто.