Zuhal Demirci,Meltem Bulur
15 Ноември 2016•Ажурирај: 15 Ноември 2016
АНКАРА (АА) - Министерот за надворешни работи на Германија, Франк-Валтер Штајнамер, денеска во Анкара изјави дека постојат кругови што сметаат дека посоодветно би било да не се продолжат преговорите за интеграција меѓу Европската Унија и Турција, но дека тој мисли оти тоа е одлука што треба да биде донесена во Турција, јавува Anadolu Agency (AA).
Во рамките на официјалната посета на Анкара, Штајнмаер беше примен од неговиот турски колега, Мевлут Чавушоглу, а на заедничката прес-конференција, шефот на германската дипломатија изрази задоволство поради повторното доаѓање во главниот град на Турција и продолжувањето на директниот дијалог со турските колеги.
„Во изминатите месеци, пред камерите и микрофоните многу зборувавме едни за други. Меѓутоа, сметам дека за сѐ што зборувавме треба да бидеме отворени и чесни едни кон други“, изјави шефот на германската дипломатија, Франк-Валтер Штајнмаер, за време на посетата на Анкара.
Штајнмаер изјави дека Германија најостро го осудува неуспешниот обид за воен удар во Турција на 15 јули, кој го изврши терористичката организација ФЕТО, а упати и порака на сочуство кон семејствата на настраданите во тој обид.
„Чувствуваме големи симпатии кон оние што таа тешка ноќ излегоа на улиците. Сакам да ја нагласам нашата поддршка кон сите што ги бранеа демократските институции во Турција. Ние сме со бранителите на демократските институции“, порача Штајнмаер.
Штајнмаер истакна дека со турскиот колега Чавушоглу имал долг и отворен разговор, и дека некои од темите биле односите на ЕУ и Турција, ситуацијата во регионот и заедничките проекти на двете земји.
„Ова не е едностран однос. Проблемите можеме да ги надминеме ако сфатиме дека сме си потребни едни на други, не само во економска смисла, туку и во политичка смисла“, изјави Штајнмаер.
Потсетувајќи на повеќевековните силни културни и семејни врски меѓу двете земји и на фактот дека во Германија живеат 3,5 милиони лица со потекло од Турција, Штајнмаер изјави дека е потребен отворен и искрен дијалог за тие длабоки и силни врски да не се загрозат.
Тој исто така изјави дека никој не знае кога актуелната тешка состојба во светот ќе биде решена, и додаде дека турбулентните случувања во Турција имаат директно влијание и на состојбата во Германија, која е нејзин сојузник од НАТО.
„Германија и Турција се согласни дека е неопходно политичко решавање на кризите во Сирија. Рамо до рамо се бориме против тероризмот. Се бориме против ДЕАШ и ПКК“, изјави Штајнмаер.
Шефот на германската дипломатија, Штајнмаер исто така изјави дека на колегата Чавушоглу му укажал на загриженоста на Германија во врска со состојбата и случувањата во Турција по обидот за воен удар.
„Јас замолувам тоа да не се третира како некакво гледање од високо и одржување лекција, замолувам да не се третира како непочитување на суверенитетот на Турција“, изјави Штајнмаер.
Тој потсети дека на вчерашната седница министрите за надворешни работи на членките на ЕУ во Брисел разговарале за состојбата во Турција. Исто така, изјави дека критериумите на приближување на членството во Унијата се јасни, а дека одлуката за тоа дали Турција треба да се приближува или да се оддалечува од Европската Унија не треба да биде донесена ниту во еден главен град на Унијата, туку во Анкара.
Шефот на германската дипломатија рече дека во понатамошната посета на Анкара ќе се состане и со турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган, и додаде дека тоа ќе биде прва негова можност да разговара со него откако Ердоган неодамна ги изнесе острите критики кон Германија.
„Во никој случај не можеме да го сфатиме тоа што некој тврди дека Германија е сигурно пристаниште за терористите“, изјави Штајнмаер и додаде дека ПКК во Германија е забранета како терористичка организација, а за тоа постојат и докази во низа на истрагите и веќе изречените пресуди.
Штајнмаер нагласи дека ги осудува сите видови на тероризам, и рече дека тероризмот не може да се порази само со воени операции, туку дека се потребни и политички решенија.
„Ние велиме дека е потребно повторно да се започне политички процес на решавање на кризата и дека за тоа ПКК треба да го остави оружјето и да се откаже од оружената борба. Во согласност со законските рамки во Германија ги следиме терористичките активности на ПКК и досега се водат околу 4.000 истраги и судски процеси. Јас немам информација дека Турција на Германија ѝ испратила повеќе од 4.000 досиеја во врска со терористите. Тоа не можам да го потврдам“, изјави Штајнмаер.
Штајнмаер изјави дека меѓу Германија и Турција постојат интензивни и активни односи и дека поголемиот дел од невладините организации бараат од Германија да не ги прекинува тие односи, особено не во вакви тешки периоди.