Jeyhun Aliyev
11 Март 2020•Ажурирај: 12 Март 2020
АНКАРА (АА) - Турскиот министер за надворешни работи, Мевлут Чавушоглу, денес изјави дека Турција работи на тоа да го продолжи привремениот прекин на огнот во сириската област Идлиб и да го направи траен, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Во моментот се прават напори да се претвори овој привремен прекин на огнот во траен“, изјави Чавушоглу за новинарите во Анкара.
Тој рече дека Турција разговара со руската воена делегација, која е дојдена во Турција, за начините за безбеден проток на сообраќајот на стратешкиот Автопат М4 во Идлиб, каде што двете земји треба да започнат со заеднички патроли.
На прашањето за тоа како се одржува прекинот на огнот, Чавушоглу одговори дека имало вознемирувачки оган пред два дена, но дека Турција одговорила на тоа.
Турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган, и неговиот руски колега, Владимир Путин, минатата недела се согласија на нов прекин на огнот за Идлиб, што стапи на сила на 5 март.
Според договорот, сите воени активности во Идлиб треба да прекинат со воспоставувањето безбедносен коридор од 6 километри северно и јужно од клучниот Автопат М4.
Турција ја започна операцијата „Пролетен штит“ на 27 февруари, откако 36 турски војници загинаа минатиот месец во воздушен напад на режимот на Асад во сириската покраина Идлиб, и по континуираните прекршувања на претходните прекини на огнот.
Според рамките на договорот од 2018 година со Русија, турските трупи се во Идлиб за да ги заштитат цивилите од нападите на режимот и неговите сојузници.