Hasan Hüseyin Köşger
25 Август 2020•Ажурирај: 27 Август 2020
АНКАРА (АА) - Турскиот министер за надворешни работи, Мевлут Чавушоглу, ја предупреди Грција да не презема погрешни чекори во Источниот Медитеран, порачувајќи дека Турција е подготвена да стори сè што е потребно за да ги заштити своите легитимни интереси во регионот, јавува Агенција Анадолија (АА).
Чавушоглу се обрати на заедничката прес-конференција со својот германски колега Хеико Мас во главниот град Анкара, по разговорите за различни теми како епидемијата на Ковид-19, развојот на случувањата во Либија, а особено во Источниот Медитеран.
Тој, исто така, ја повика Грција да не се става себеси во ризик со тоа што ќе се фати на мамката на некои земји во Источниот Медитеран.
Тој не именуваше одредена земја, но Грција неодамна соработуваше со Франција и Египет против турската поморска надворешна политика.
Чавушоглу истакна дека неодамнешната ескалација на тензиите во Источниот Медитеран се должи на пристапот на Грција и администрацијата на кипарските Грци, а не на Турција.
За време на прес-конференцијата, германскиот министер за надворешни работи, Хеико Мас, исто така, потенцираше дека ескалацијата во Источниот Медитеран не е од корист ниту за ЕУ, ниту за Турција, ниту пак за Грција.
Оваа недела Турција, а потоа и Грција испратија Навтекс сигнали за истражување на енергетските ресурси, односно за воени вежби во Медитеранот.
Грција и други земји се обидоа да ја ограничат поморската територија на Турција и нејзините права за истражување на енергетските ресурси и покрај фактот што ниедна земја нема подолго крајбрежје на Медитеранот од Турција.
Турција, земја со најдолго крајбрежје на Средоземното Море, испрати бродови за истражување на енергтските ресурси во рамките на нејзиниот континентален шелф, нагласувајќи дека и Турција и Турската Република Северен Кипар имаат права во регионот.
Турските официјални претставници се на ставот дека дијалогот за чесна поделба на овие ресурси би била вин-вин ситуација.