Ekipa
21 Јануари 2018•Ажурирај: 22 Јануари 2018
АНКАРА/БАГДАД (АА) - Шефот на турската дипломатија, Мевлут Чавушоглу, изјави дека е неопходно отстранување на сите терористички елементи во Сирија, Ирак и од планинскиот регион во југоисточниот дел на Турција, јавува Anadolu Agency (AA).
По средбата со ирачкиот колега Ибрахим ал Џафари, Чавушоглу во Багдад потсети дека Турските вооружени сили вчера ја започнаа операцијата „Маслинова гранка“ со цел елиминирање на терористите на ПЈД/ПКК и ДЕАШ во сирискиот Африн и додаде дека е неопходно тие терористички структури да се отстранат и од другите региони на Сирија, Ирак и Турција.
Истакнувајќи дека со ирачкиот колега Ал Џафари денес отворено и искрено разговарале за сите важни теми кои се однесуваат на регионот, Чавушоглу му честиташе на Ирак за извојуваната победа во борбата против терористичката организација ДЕАШ.
„Исто како што беше случајот и во екот на борбата против ДЕАШ, Турција е братска и пријателска земја што покрај Ирак ќе стои и во наредниот период на обнова и развој. Со сите средства ќе продолжиме да го поддржуваме Ирак“, порача Чавушоглу.
Нагласувајќи дека Турција ги поддржува интегритетот и суверенитетот на Ирак, Чавушоглу кажа дека Уставот на Ирак мора да се почитува и дека Багдад е местото каде што треба да се решаваат сите проблеми.
Тој потсети дека властите на Регионалната курдска управа во северен Ирак не го послушаа советот на Турција и организираа нелегитимен референдум кој предизвика криза во тоа подрачје и изрази надеж дека тие власти ја имаат сфатено направената грешка.
„Важно е што ДЕАШ е отстранет од Ирак, но исто толку е важно да се исчисти Ирак и од другите терористички организации. Посебно е важно од ирачка територија да се отстранат сите елементи на ПКК. ДЕАШ, ПКК, ЈПГ, ПЈАК се терористички групи кои имаат иста цел. Сите тие сакаат да ги поделат Сирија, Ирак, Турција и Иран“, порача Чавушоглу.