Fuat Kabakcı
19 Декември 2021•Ажурирај: 20 Декември 2021
ИСЛАМАБАД (АА) - Турскиот министер за надворешни работи, Мевлут Чавушоглу, предупреди дека 60 отсто од населението во Авганистан се соочува со глад и дека мора да се спречи колапсот на авганистанската економија, јавува Агенција Анадолија (АА).
Чавушоглу имаше обраќање на отворањето на 17. вонредна седница на министрите за надворешни работи на земјите членки на Организацијата за исламска соработка (OIC) во Исламабад, главниот град на Пакистан, на која се разговара за хуманитарната ситуација во Авганистан.
„Организацијата за исламска соработка мора да игра водечка улога во мобилизирањето на меѓународната помош за Авганистан“, рече тој.
Истакна дека покажувањето солидарност со народот на Авганистан е морална одговорност и верска обврска.
„Скоро 23 милиони луѓе во Авганистан во моментов се соочуваат со глад. Тоа е 60 отсто од населението. Одлуката што ќе ја донесеме денеска во тој поглед мора да се спроведе. Како прво, мора да ја координираме нашата хуманитарна помош. Исто така, би сакал да му се заблагодарам на Пакистан за тоа што овозможи трансфер на хуманитарната помош. Фондот што ќе го формира Исламската банка за развој е чекор во вистинската насока“, рече Чавушоглу.
Напомена дека колапсот на економијата во Авганистан мора да се спречи и дека постоечките санкции против земјата имаат многу лошо влијание врз нејзиниот финансиски систем.
„Ако овие финансиски средства не стигнат до авганистанскиот народ, нашите ветувања нема да имаат никаква смисла. Треба веднаш да донесеме решенија околу финансиските средства, ликвидноста и банкарскиот трансфер“, рече Чавушоглу.
Тој истакна дека хуманитарната и економската криза во Авганистан го зголемила миграцискиот притисок и оптоварувањето врз соседните земји.
Додаде дека работата со талибанската администрација во Авганистан е неопходна за воспоставување стабилност.
„Мораме да продолжиме да поддржуваме сегашната влада да биде инклузивна, да ги заштити правата на сите и да го прошири пристапот на жените и девојките до вработувањето и образованието“, рече Чавушоглу.
Како што нагласи, влошувањето на кризата во Авганистан има големи последици и за муслиманските земји во Азија.
„Го сметаме за исклучитечно важен активниот ангажман на азиските народи, на сите земји, вклучувајќи ги Пакистан, Иран, Узбекистан, Туркменистан, Индонезија и Малезија, во врска со авганистанското прашање. Како исламска заедница во таа смисла мораме да преземеме уште посилни чекори и да играме водечка улога. Со заедничка посета на министрите за надворешни работи на ОИС на Кабул може да покажеме солидарност со нашите авганистански браќа. Со испраќање на нашите пораки директно таму, можеме да преземеме водечка улога како муслимански земји. Исто така, би сакал да ја нагласам нашата одлучност и поддршка за постигнување на независна држава Палестина со главен град Ал-Кудс. Драги браќа и сестри, верувам дека нашите браќа во Авганистан заслужуваат подобра иднина и затоа мора веднаш да делуваме“, рече Чавушоглу во своето обраќање.