Faruk Zorlu
27 Мај 2022•Ажурирај: 01 Јуни 2022
АНКАРА (АА) - Новиот стратешки концепт на НАТО треба да вклучува решителност за борба против сите форми на тероризам, изјави денеска турскиот министер за надворешни работи, Мевлут Чавушоглу, јавува Агенција Анадолија (АА).
На заедничката прес-конференција со неговиот романски и полски колега по трилатералната средба, Чавушоглу рече дека Шведска и Финска треба да ја прекинат поддршката на тероризмот доколку сакаат да се приклучат на НАТО.
Чавушоглу рече дека ставот на Турција за кандидатурата на двете земји во НАТО е „јасен и недвосмислен“.
„Се надевам дека Финска и Шведска ги разбираат нашите пораки“, додаде тој.
Шведска и Финска минатата недела официјално поднесоа барање за влез во НАТО, одлука поттикната од руската војна против Украина, која започна на 24 февруари.
Но Турција, долгогодишна членка на Алијансата, изрази приговори за нивните кандидатури за членство, критикувајќи ги тие нордиски земји дека толерираат, па дури и ги поддржуваат терористичките организации.
Анкара во средата беше домаќин на консултации со шведската и финската делегација за нивните апликации за НАТО.
Според портпаролот на турскиот претседател, Ибрахим Калин, беше пренесено дека нивните кандидатури за НАТО не можат да напредуваат доколку безбедносните грижи на Турција не се решат преку конкретни чекори и во одредена временска рамка.