Zuhal Demirci
19 Декември 2016•Ажурирај: 19 Декември 2016
АНКАРА (АА) - Од источен Алепо досега се евакуирани околу 20.000 лица, и таа акција продолжува, соопшти денес турскиот министер за надворешни работи, Мевлут Чавушоглу, пренесува Anadolu Agency (AA).
„Бројот на евакуирани лица од источен Алепо во подрачјето под контрола на опозицијата достигна 20.000. Нашите напори продолжуваат“, напиша шефот на турската дипломатија на социјалната мрежа Твитер.
Рано утринава е продолжена евакуацијата на цивилите, од источниот дел на сирискиот град Алепо, на западниот дел на регионот, кој го контролира опозицијата.
„Претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган и неговиот руски колега, Владимир Путин, вчера имаа телефонски разговор за евакуацијата на цивилите во Алепо“, соопштија блиски извори на турскиот претседател.
Минатата недела опозициските сили во источен Алепо постигнаа примирје, односно прекин на огнот со силите лојални на режимот на Башар ал Асад, во чии рамки ќе бидат евакуирани цивилите од овој град.
Во изминатите недели интензно пристигнуваа известувања за масакрот над цивилите во Алепо.
Обединетите нации и западните сили ги повикаа Москва и Дамаск да овозможат безбедна евакуација на цивилите и на борците на опозицијата, кои беа под опсада поради руското и сириското бомбардирање на градот.