Dilara Hamit
03 Април 2020•Ажурирај: 03 Април 2020
АНКАРА
Турскиот министер за надворешни работи, Мевлут Чавушоглу, вчера изјави дека треба да се зајакне политичката димензија на НАТО и дека за таа цел е формирана група од 10 експерти, јавува Агенција Анадолија (АА).
Неговата изјава следуваше по состанокот на министрите за надворешни работи на НАТО одржан преку видеоконференција.
Чавушоглу потсети дека Турција ги исполнила сите свои обврски во рамките на Договорот за бегалци меѓу ЕУ и Турција склучен на 18 март 2016 година, додека ЕУ тоа не го сторила.
„Од ЕУ очекуваме искреност и чесен пристап. Ѝ порачуваме да размислува долгорочно, бидејќи ова не е само прашање за миграцијата“, изјави Чавушоглу.
Тој нагласи дека ЕУ треба да го сработи својот дел од работата кој се однесува на визната либерализација, ажурирањето на договорите за Царинската унија и борбата против тероризмот.
Чавушоглу изјави дека ќе се направи договор доколку ЕУ е искрена во ова прашање.
„Доколку ЕУ не е искрена и не ги исполни своите ветувања, не треба да има очекувања за поддршка од Турција за ова прашање. Ова не е закана. Ова е многу јасен и искрен став и објаснување. Ова е ставот на Турција“, изјави Чавушоглу.
- Турските акти на солидарност се ценети од НАТО
Чавушоглу нагласи дека многу земји членки на НАТО ја споменале и солидарноста на Турција која оваа земја ја искажала кон другите земји сојузници во време на кризата.
Тој изјави дека генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг и другите министри за надворешни работи го ценеле испраќањето медицинска помош на Турција во Италија и Шпанија во борбата против Ковид-19.
Турскиот воен авион со медицинска помош во средата замина од Анкара во Италија и Шпанија, двете земји најмногу погодени од Ковид-19.
Во Италија бројката на починати од Ковид-19 достигна 13.915, највисоката бројка во светот. Во Шпанија досега се пријавени 10.348 смртни случаи од последиците на вирусот.