Leyla Ataman Koyuncuoğlu
04 Април 2017•Ажурирај: 05 Април 2017
ИСПАРТА (АА) - Министерот за надворешни работи на Турција, Мевлут Чавушоглу, при својата посета на турскиот град Испарта зборуваше за нападот со хемиско оружје што силите на режимот го изведоа во сирискиот град Идлиб, јавува Anadolu Agency (AA).
Чавушоглу во обраќањето пред новинарите рече дека во нападот со хемиско оружје загинале околу 150 лица, меѓу кои и жени и деца, и истакна дека режимот на Асад и поддржувачите на режимот брутално ги убиваат луѓето, без да прават разлика.
Чавушоглу посочи на фактот дека не е првпат да се употребува хемиско оружје во подрачјето.
„Хемиското оружје беше црвена линија за секого во светот, но денес тоа стана рутина. По започнувањето на прекинот на огнот, имаше повремени прекршувања, но ова е многу сериозно прекршување. Велиме: 'За иднината на Ирак треба да одлучи ирачкиот народ'. Во врска со гледиштето на оние што велат 'Одлуката поврзана со Асад ќе ја даде сирискиот народ', доколку вака продолжи, нема да остане народ што ќе треба да донесе одлука за Асад. Излегуваат со изјави: 'Одлуката за Асад нека ја донесат Сиријците, народот нека ја даде одлуката'. Зарем ќе остане народ доколку се користи хемиско оружје? Затоа го осудуваме овој акт. Ова е злосторство против човештвото и тоа треба да биде казнето. Но пред тоа, сигурен сум дека западниот свет, оние што се обидуваат да нѐ учат за човечките права, и покрај преминувањето на црвената линија, повторно ќе се обидат да го прикријат сето ова, покажувајќи ја својата нечуствителност. За нас тоа е неприфатливо. Тоа може да значи напразно трошење на целиот процес“, додаде тој.
Министерот за здравство на Привремената сириска влада, Ферас Џунди, денес соопшти дека утрово силите на режимот извршиле напад со хемиско оружје јужно од Идлиб, во руралниот предел на Хан Шејхун.