АНКАРА (АА) - Министерот за надворешни работи на Република Турција, Мевлут Чавушоглу, изјави дека односите на Турција и Европската Унија (ЕУ) влегле во нова фаза од аспект на дијалогот, но дека за функционални односи е потребно ЕУ да направи конкретни исчекори и чесно да се однесува кон Турција, јавува Агенција Анадолија (АА).
Како гостин на денешниот Уреднички деск на АА, Чавушоглу во Анкара ја коментираше актуелната ситуација во регионот и се осврна на вчерашните состаноци на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган со генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг и челниците на Европската Унија во Брисел.
Тој изјави дека и претходно е одржана вонредна седница на НАТО на која е разговарано за начините на кои Сојузот може да ја поддржи Турција во екот на тензиите кои избија поради настаните во сириски Идлиб.
„Некои од нашите барања треба да ги исполнат одредени членки, а некои и НАТО како сојуз. Сите подготовки одат добро. Почнаа летовите на авионот АВАКС од Коња. Започнаа и некои разузнавачки поддршки, во смисла размена на информации. Во Брисел вчера разговаравме за потезите кои ќе бидат преземани во контекст на поддршка“, изјави Чавушоглу.
- Чавушоглу: „Јасно е дека ЕУ досега не ги одржуваше ветувањата“ -
Турскиот министер изјави дека на состанокот со челниците на Европската Унија во Брисел не зборувале само за мигрантската криза, туку дека турскиот претседател Ердоган отворено и јасно ги резимирал односите меѓу Турција и ЕУ од 1960 година и укажал на сите ветувања кои Унијата ги дала на Трција, но никогаш не ги исполнила.
Чавушоглу потсети на Договорот од март 2016 година со кој Турција и Европската Унија постигнале договор за решавање на тогашната мигрантска криза и истакна дека тој договор не може да се банализира на тоа дека ЕУ треба да ѝ даде пари на Турција, а дека Турција треба да ги задржи мигрантите.
Чавушоглу појасни дека во договорот станувало збор за многу прашања, вклучувајќи го и овозможувањето на доброволно враќање на азилантите, воведување на визната либерализација за турските државјани, поддршка на борбата против тероризмот и забрзување на процесот на интеграција на Турција во ЕУ.
„Јасно е дека Европската Унија досега не го одржа зборот кој го даде“, изјави Чавушоглу.
Истакнувајќи дека Договорот од 2016 година предвидува интензивирање на дијалогот меѓу ЕУ и Турција, Чавушоглу рече дека официјален Брисел постапил потполно спротивно и го запрел дијалогот со Анкара. Тој додаде дека на Европската Унија ѝ е потребна Турција и повеќе отколку што на Турција ѝ е потребна Европската Унија, и дека затоа е важен вчерашниот состанок во Брисел.
„Преминавме на нова фаза во контекст на дијалогот, но потребно е да се направат исчекори за нашите односи да функционираат во иднина. Што значат тие исчекори? ЕУ треба да биде чесна во односот кон Турција. Да, на Турција ѝ е потребна Европската Унија, но на Европската Унија Турција ѝ е уште попотребна. Особено ако сакате да стане глобален актер. Турција не е, ниту некогаш ќе биде во ситуација да ја моли и преколнува ЕУ. Двете страни имаат меѓусебни односи и тие обврски еднаш треба да се почитуваат“, порача Чавушоглу.
Шефот на турската дипломатија, Чавушоглу, ја критикуваше Европската Унија поради ставот дека не сака мигрантски бран од сириски Идлиб, а ништо не помага во згрижувањето на тие луѓе.
Тој порача дека сите земји треба да дејствуваат во согласност со меѓународните правни норми, токму како и Турција која ги отвори своите граници. Тој додаде дека Турција ги обезбедила условите и ги згрижила Сиријците, а дека воедно и прави сѐ за заштита на цивилите во Идлиб.
„Границите на Европа не започнуваат на турско-грчката граница, туку почнуваат на јужните и источните граници на Турција“, изјави Чавушоглу и ги критикуваше властите на Грција кои тврдат дека со праќањето на војската ги штитат границите на Европа.
Чавушоглу понатаму изјави дека бегалската криза е повеќедимензионална и дека Турција не сака пари.
„Ние никогаш не трчавме по пари. Се однесуваме принципиелно, меѓутоа, условите на терен се менуваа и не се исти како во 2016 година, а не се исти ни потребите на мигрантите. За тоа ќе зборуваме, а ќе се зборува и на Самитот на ЕУ кој ќе биде одржан на 26 март“, изјави Чавушоглу.
- Чавушоглу: „Сакаме да воспоставиме траен мир во Идлиб“ -
Коментирајќи го и договорот кој турскиот и рускиот претседател Ердоган и Путин го постигнаа во Москва, Чавушоглу изјави дека Турција сака во сириски Идлиб да се воспостави траен мир, да се заштитат цивилите и да се овозможи враќање на раселените.
Тој изјави дека турските и руските делегации постојано комуницираат и го следат почитувањето на прекинот на огнот на терен. Додаде дека вчера е забележано кршење на примирјето и тоа со куршум од пиштол, а дека руската страна жестоко ги предупредила силите на режимот на Башар ал Асад тоа да не го прават.
„Во случај режимските сили да не го почитуваат примирјето, тоа и на официјална Москва јасно ѝ го кажавме, Турските вооружени сили ќе направат исто како што правеа и претходно. Ќе одговориме од копно и со беспилотни летала и ќе ги уништиме сите режимски воени цели. Нашите беспилотни летала стекнаа слава во Идлиб. Сите ги сакаат. Некогаш Турција ги молеше другите да ѝ продадат такво нешто, а сега сите чекаат на ред да ги купат турските летала“, изјави Чавушоглу.