Meltem Bulur,Zuhal Demirci
15 Декември 2016•Ажурирај: 15 Декември 2016
АНКАРА (АА) - Шефот на турската дипломатија, Мевлут Чавушоглу, во изминатите два дена, во повеќе наврати интензивно разговараше со министрите за надворешни работи на Иран, САД, Русија, Катар и на Саудиска Арабија, со цел да се воспостави прекин на огнот и да се спречат злосторствата врз цивилите во сирискиот град Алепо, кој од 15 ноември е средиште на ужасни трагедии во кои животот го загубија повеќе од илјада лица, јавува Anadolu Agency (AA).
Неименуван дипломатски извор за АА изјави дека главна тема на многубројните телефонски разговори на шефот на турската дипломатија, Мевлут Чавушоглу со неговите ирански, американски, руски, катарски и саудиски колеги во изминатите два дена, била политичкото решавање на сириската криза, со акцент на воспоставување примирје и евакуација на цивилите од Алепо.
Во вторникот Чавушоглу имаше одделни телефонски разговори со шефот на саудиската дипломатија, Адел ал-Џубеир, потоа со катарскиот колега шеикот Мухамед бин Абдурахман Ал Саније, како и со рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров.
Соговорниците притоа разговараа за ситуацијата во Сирија, а Чавушоглу на секој колега му ја укажа неопходноста за итно спречување на трагедиите во Алепо така што ќе се прекинат нападите на силите лојални на сирискиот режим врз цивилите, кои се под потполна опсада во источниот дел на Алепо. Станува збор за повеќе десетици илјади цивили заробени во обрачот на режимските сили на подрачјето на двата блока што се простираат на шест квадратни километри.
Нагласена е и неопходноста за преземање итни акции со цел да се отвори коридорот и да му се достави хуманитарна помош на загрозениот сириски народ, а Чавушоглу на колегите им кажа дека Турција посветено работи на тоа и дека е подготвена да ги преземе сите обврски во контекст на обезбедување и доставување помош, како и згрижување на евакуираните цивили.
По тие преговори, во вторникот вечерта, со посредство на Турција е постигнат договор за прекин на огнот во источниот дел на Алепо, а договорена е и евакуација на луѓето од тој дел на градот, во Идлиб, кој е под контрола на опозицијата.
Меѓутоа, непосредно по почетокот на подготовките за евакуација, силите на сирискиот режим и неговите сојузници го прекршија примирјето, а автобусите што требаше да ги евакуираат цивилите од Алепо беа вратени.
Чавушоглу вчера тргна во нова рунда дипломатски разговори, а прво разговараше со координаторот на преговарачката делегација Коалиција на револуционерни и опозициски сили на Сирија, Ријад Хиџаб.
Вчера Чавушоглу телефонски разговараше и со американскиот државен секретар Џон Кери и притоа му кажа дека Турција одлучно ќе продолжи да работи на воспоставувањето примирје и евакуација на цивилите од Алепо, без оглед на прекршувањето на претходниот договор од страна на сирискиот режим и неговите сојузници.
Чавушоглу во два наврата разговараше и со иранскиот колега, Џавад Зариф, за ситуацијата во Алепо и за продолжување на заедничките напори во правец на спречување на ужасните злосторства во тој сириски град.
Синоќа, шефот на турската дипломатија Чавушоглу соопшти дека на 27 декември, во Москва ќе биде одржан трилатерален состанок на делегациите на Турција, Русија и Иран, на кој ќе биде разговарано за организирање на преговорите со цел да се воспостави примирје и да се најде политичко решение за сириската криза.
Синоќа за ситуацијата во Алепо телефонски разговараа и турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган и рускиот претседател, Владимир Путин.
Ердоган во таа пригода изјави дека Турција е подготвена по отворањето на коридорите за евакуација на цивилите од Алепо да обезбеди сѐ што е потребно за привремено да се згрижат луѓето.
Утринава припадниците на шиитските милиции повторно извршија напад на првиот конвој за евакуација на цивилите од Алепо, но процесот на евакуација продолжи и првиот конвој се движи од Алепо кон Идлиб.