Merve Gül Aydoğan Ağlarcı
11 Октомври 2022•Ажурирај: 12 Октомври 2022
АНКАРА (АА) – Турскиот министер за надворешни работи, Мевлут Чавушоглу, во однос на последното зголемување на тензиите меѓу Украина и Русија, рече дека Туркије е „единствената НАТО-земја што ги има посетено“ двете завојувани земји од почетокот на војната меѓу Москва и Киев во февруари, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„За жал, преговорите и мировниот процес се ставени настрана. Рамнотежата се смени, двете страни бараат придобивки на теренот и напорите за надмоќ продолжуваат“, рече Чавушоглу во телевизиско интервју во Анкара.
Последните акции од Украина и Русија „ја направија ситуацијата уште потешка“, рече Чавушоглу, нагласувајќи дека двете страни се свесни за балансираната политика на Туркије во однос на ситуацијата.
„Туркије ја продолжува дипломатијата без нарушување на односите со Русија и Украина“, потсети турскиот министер, додавајќи дека земјата презентира став во согласност со меѓународното право.
Чавушоглу рече дека сите, а особено Украина, ја плаќаат цената од прекинот на дијалогот со Русија.
„Туркије спроведува политики што имаат за цел да ги минимизираат последиците од војната“, рече Чавушоглу и истакна дека немаше да има договор за испорака на жито доколку Туркије се приклучеше кон позицијата на западните земји и кон санкциите против Русија.
„Анкара го поддржува територијалниот интегритет на Украина“, додаде турскиот министер за надворешни работи.
За односите со Грција, Чавушоглу рече дека Атина е вознемирена од улогата на Анкара како глобален актер.
Грција покажува „неправеден став во однос на [прашањето за] поморската јурисдикција“ во Егејското Море, порача Чавушоглу, повикувајќи ја Грција да престане да сонува.
Тој нагласи дека Туркије одговара на грчките провокации во сите области - море, воздух и на копно.
Турскиот министер ја критикуваше и позицијата на Соединетите Американски Држави (САД) за односите меѓу Туркије и Грција, велејќи дека Вашингтон го изгубил пристапот на балансирана политика за прашањата поврзани со Кипар и Егејското Море.