30 Септември 2020•Ажурирај: 01 Октомври 2020
АНКАРА
Министерот за надворешни работи на Турција, Мевлут Чавушоглу, изјави дека Турција го поддржува Азербејџан доколку таа држава сака да го реши на терен проблемот со ерменската окупација, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Доколку Азербејџан сака проблемот со ерменската окупација да го реши на терен, ние ги поддржуваме“, рече Чавушоглу, гостувајќи му на Уредничкиот деск на Агенција Анадолија.
Чавушоглу во разговорот со Уредничкиот деск на АА изјави дека Ерменија со нападите на Азербејџан покажала дека не ги почитува меѓународниот систем и право.
„Мора да има некаков одговор на тоа“, порача шефот на турската дипломатија и додаде:
„Азербејџан води борба на своја територија. Каде на друго место во светот исто се третираат окупаторот и оној чија територија е окупирана?“
Чавушоглу уште еднаш го повтори предлогот на Турција за одржување регионална конференција за решавање на проблемот во Источен Медитеран.
Зборувајќи за посетата на Јужен Кипар од страна на американскиот државен секретар, Мајк Помпео, Чавушоглу рече дека САД не би требале да ја нарушуваат еднаквоста меѓу Јужен Кипар - администрацијата на кипарските Грци и Турската Република Северен Кипар.
Чавушоглу додаде и дека не е во ред дури ниту ограниченото укинување на ембаргото за оружје на Јужен Кипар, бидејќи таквиот потег ја нарушува еднаквоста.
Шефот на турската дипломатија, Чавушоглу, во врска со ставот на претседателот на Франција, Емануел Макрон, за судирите меѓу Азербејџан и Ерменија рече: „Тоа што (Макрон) не е загрижен за териториите на Азербејџан, не значи дека треба да се солидаризира со Ерменија, поддржувајќи ја окупацијата.“