Mesut Varol
28 Декември 2018•Ажурирај: 29 Декември 2018
ВАН (АА) - Месут Варол
„Најмалку 145 училишта и образовни установи надвор од Турција, коишто беа поврзани со ФЕТО, предадени се во надлежност на турската фондација Маариф“, потврди за Anadolu Agency (AA), претседателот на оваа фондација, Бирол Акѓун.
Акѓун, кој престојува во Ван, град во источниот дел на Турција, во разговор со новинарот на АА се осврна и на денешната одлука на Врховниот суд на Пакистан, кој ѝ наложи на својата влада да ја забрани фондацијата на терористичката организација ФЕТО, која води мрежа од училишта во оваа земја.
Тој потсети дека Фондацијата „Маариф“ делува во последните две години, а нејзина главна цел е во име на Турција да делува во странство, претежно во подрачјето на образованието. Акѓун истакна дека за нешто повеќе од две години извршен е контакт со повеќе од 100 земји во светот, првенствено со оние во кои е активна ФЕТО, терористичка организација што стои зад обидот за државен удар во Турција на 15 јули 2016 година.
Акѓун додаде дека „Маариф“ во моментов има свои претставништва во најмалку 55 земји.
„Во најмалку 33 земји имаме свои училишта. По денешната одлука во Пакистан, таа бројка е зголемена на 34. Тоа е еден вид отворање на Турција кон светот во областа на образованието и делување низ глобална образовна мрежа. Ова е многу значајна мисија за „Маариф“, во контекст на пренесување културна дипломатија“, рече Акѓун.
За Пакистан рече дека таа е пријателска земја со Турција и дека станува збор за две земји меѓу кои постои доверба и солидарност.
„Пред две години престојувавме во Пакистан и остваривме контакт. Во повеќе пакистански градови постои значителен број на училишта поврзани со ФЕТО. Врховниот суд на Пакистан со оваа одлука стана можеби и прва институција надвор од Турција која ФЕТО ја призна за терористичка организација, на начин како што таа се третира и во Турција“, рече Акѓун.
ФЕТО и нејзиниот лидер, Фетула Ѓулен, кој се наоѓа во САД, одговорни се за неуспешниот обид за државен удар на 15 јули 2016 година во Турција, кога загинаа 251 лице, а околу 2.200 беа повредени.