Elena Trenchevska Chekovikj
06 Јуни 2024•Ажурирај: 06 Јуни 2024
СКОПЈЕ (АА) - Универзитетот „Богазичи“ во Истанбул организира симпозиум на кој ќе се разговара за иднината на меѓународното право, соопшти универзитетот, пренесува Анадолу.
Симпозиумот насловен „Преиспитување на меѓународното право по Газа“ ќе се одржи на 3 и 4 август.
На симпозиумот, чиј домаќин е Правниот факултет при Универзитетот „Богазичи“, ќе се дискутира од критички аспект за универзалноста, легитимноста и улогата на меѓународното право во остварувањето на правдата.
Свое обраќање на симпозиумот ќе имаат поранешните специјални известувачи на Обединетите нации за Палестина, Ричард Фалк и Мајкл Линк, како и други истакнати лица од светската академска фела.

Во врска со симпозиумот за меѓународно право, координаторот и член на Правниот факултет на Универзитетот „Богазичи“, д-р Хасан Басри Булбул, рече: „Неспособноста на меѓународниот систем да ја исполни својата мисија за обезбедување глобален мир и заштита на човековите права, како и неговиот неуспех во решавањето на неговото прекршување, ги подигна прашањата за функционирањето на меѓународното право во обезбедувањето правда. Денес меѓународниот правен систем е под лупата на совесните политичари, адвокати и милиони млади луѓе.“
Булбул истакна дека симпозиумот, на кој ќе присуствуваат над 100 експерти од областа на правото од различни земји, има цел да ги оцени предлозите за унапредување на меѓународното право и подобрата заштита на човековите права.