Emin Avundukluoğlu
22 Ноември 2019•Ажурирај: 23 Ноември 2019
АНКАРА (АА) - Турција според планот ќе го активира одбранбениот ракетен систем „S-400“ набавен од Русија, откако воениот персонал ќе ја заврши соодветната обука, изјави турскиот министер за одбрана, Хулуси Акар, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Обуката за работа со опремата стигна до фазата во која персоналот се запознава со хардверот на ракетниот систем“, појасни Акар пред пратениците во Комисијата за планирање и буџет на турскиот Парламент и додаде:
„Откако овој процес заврши, ќе ги спроведеме нашите планирани активности.“
Договорот постигнат меѓу Турција и Русија за купување на антиракетниот систем „S-400“ предизвика остри критики од Соединетите Американски Држави (САД), што доведе до тензии во американско-турските односи. Официјален Вашингтон тврди дека набавката на системите „S-400“ ќе ја загрози турската позиција во проектот за воените авиони „F-35“.
Турција тврди дека системите „S-400“ нема да ги инкорпорира во системите на НАТО и дека на никој начин нема да ги загрозува сојузниците. Официјална Анкара повика на формирање заедничка стручна комисија со задача да утврди дали прашањето за „S-400“ предизвикува технички проблеми.
Одговарајќи на прашањата за сириските сили кои ги поддржува Турција во борбата против терористите на ЈПГ/ПКК во северна Сирија, Акар рече дека Сириската национална војска (СНВ) не е дел од „ниту една група“, туку дека станува збор за луѓе кои се лојални и работат за својата земја.
„Како резултат на нашите операции, заблудата за формирање терористички коридор, терористичка држава во северна Сирија, е запрена“, рече Акар.
Турција на 9 октомври ја започна операцијата „Извор на мирот“ за елиминирање на терористите на ЈПГ/ПКК во северна Сирија, источно од реката Еуфрат, со цел обезбедување на турската граница и формирање безбедносна зона за доброволно враќање на сириските бегалци во тоа подрачје.
Анкара минатиот месец постигна два одделни договора со Вашингтон и Москва, врз основа на кои се согласи да ја запре операцијата за да им се овозможи на терористите на ЈПГ/ПКК да се повлечат од планираната безбедносна зона, каде што Турција сака да врати милиони сириски бегалци.