Burak Bir
06 Јануари 2021•Ажурирај: 07 Јануари 2021
АНКАРА (АА) - Турција го повтори повикот до Грција за решавање на споровите меѓу двете земји во Источниот Медитеран преку дијалог и меѓународното право, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Веруваме дека проблемите [меѓу Турција и Грција] можат и треба да се решат како дел од преговорите“, рече турскиот министер за национална одбрана, Хулуси Акар, за АА пред состанокот со германскиот амбасадор во Турција, Јирген Шулц.
Нагласувајќи дека Турција отсекогаш била на страната на меѓународното право во тековните прашања во врска со подрачјата на Источниот Медитеран и Егејското Море, Акар рече дека Анкара им дава приоритет на добрососедските односи, дијалогoт и преговорите.
„Очекуваме, од една страна, да започнат прелиминарните разговори, а од друга страна да започнат преговори во рамките на довербата и нејзина изградба, како и разговорите за деконфликција по средбите меѓу нашиот претседател [Реџеп Таип Ердоган] и генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг“, рече Акар пред состанокот во Министерството за национална одбрана во главниот град Анкара.
Заблагодарувајќи се на Германија за нејзината улога во обезбедувањето мир и решавање на споровите во Источниот Медитеран, тој рече дека Германија дала многу важен придонес во овој процес.
„Би истакнал и дека очекуваме сите три страни објективно да ги евалуираат проблемите меѓу Турција и Грција“, нагласи Акар.
Од своја страна, Шулц рече дека очекуваат тензиите да се решат што е можно побрзо и дека најдобриот начин за тоа се меѓусебните разговори.
Во врска со последните тензии во регионот, Грција и администрацијата на кипарските Грци го зголемија притисокот врз останатите членки на ЕУ за воведување санкции кон Турција за време на самитот на лидерите од ЕУ на 11 декември.
Турција, која има најдолго континентално крајбрежје во Источниот Медитеран, ги отфрли тврдењата за поморските граници на Грција и администрацијата на кипарските Грци и истакна дека овие прекумерни тврдења ги кршат суверените права и на Турција и на кипарските Турци.
Анкара во изминатиот период испрати неколку сондажни бродови за истражување на енергетските ресурси во Источниот Медитеран, нагласувајќи ги своите права во тоа подрачје, како и правата на Турската Република Северен Кипар.
Турските претставници континуирано истакнуваат дека Анкара е за решавање на сите отворени прашања во регионот преку меѓународното право, добрососедските односи, дијалогот и преку преговори.