Merve Gül Aydoğan Ağlarcı
24 Февруари 2022•Ажурирај: 25 Февруари 2022
АНКАРА (АА) ‒ Турција ја отфрли руската воена интервенција во Украина, нарекувајќи ја „неприфатлива“, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во соопштението на Министерството за надворешни работи на Турција остро се реагира на воената интервенција на Русија за која одамна се стравувало, и ја повика Москва да стави крај на неправедната и незаконска акција.
„Сметаме дека воената операција започната од Вооружените сили на Руската Федерација против Украина е неприфатлива и ја отфрламе“, се вели во соопштението.
„Интервенцијата, не само што ги уништува Договорите од Минск, туку претставува сериозно кршење на меѓународното право и претставува сериозна закана за безбедноста на нашиот регион и светот“, се додава во соопштението.
Министерството привлече внимание на „неопходноста од почитување на територијалниот интегритет и суверенитет на земјите“ и соопшти дека е против промена на границите со употреба на сила.
„Нашата поддршка за политичкото единство, суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина ќе продолжи“, се додава во ова соопштение.
Инаку, соопштението е објавено кратко откако рускиот претседател Владимир Путин утринава даде зелено светло за воена интервенција во Украина, само неколку дена по признавањето на две енклави под контрола на сепаратистите во источна Украина.
Тој рече дека акцијата следувала по барањето за помош од властите на Доњецк и Луганск, кои неодамна ги признал како независни држави.