Handan Kazancı
14 Јануари 2022•Ажурирај: 14 Јануари 2022
ИСТАНБУЛ (АА) - Турција денеска ја одбележува 30-годишнината од повторното воспоставување дипломатски односи со Азербејџан, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Денеска ја славиме 30-годишнината од обновувањето на нашите дипломатски односи со пријателскиот и братски Азербејџан“, се вели во соопштението на турското Министерство за надворешни работи.
„Азербејџан, својата силна волја да стане членка на меѓународната заедница со која ужива еднакви права, ја објави на 29 октомври 1991 година, што се совпаѓа со 68-годишнината од нашата Република и ни даде двоен повод да го славиме тој ден“, се додава во соопштението.
„Турција официјално ја призна Република Азербејџан без одлагање, а дипломатските односи беа воспоставени со потпишувањето на Протоколот за обновување на дипломатските односи меѓу Република Турција и Република Азербејџан. Турција стана првата држава што воспостави дипломатски односи со Азербејџан по прогласувањето независност“, се додава во соопштението.
„Во текот на изминатите три децении Турција беше покрај пријателскиот и братски Азербејџан и во добри и во тешки времиња, покажувајќи го тоа уште еднаш со голема радост, додека храбрите Вооружени сили на Азербејџан ги ослободија окупираните територии во 44-дневната патриотска војна“, се вели во соопштението.
„Волјата што ги обликува нашите односи, кои се издигнати на статус на сојуз со Декларацијата од Шуша, потпишана на 15 јуни 2021 година, ќе продолжи како и досега“, се додава. „Овој пристап се совпаѓа и со зборовите на Гази Мустафа Кемал Ататурк, основачот на Република Турција: „Радоста на Азербејџан е наша радост, а нејзината тага е наша тага“, како и со изјавите на Хајдар Алиев, националниот лидер на Азербејџан, кој рече „Една нација, две држави.“
„По три децении, денес постои многу посилна Турција и многу посилен Азербејџан, чие братство и блиска соработка се исто така гаранција за мир и стабилност во нивниот заеднички регион“, се вели во соопштението на турското МНР.
„Одбележувајќи ја 30-годишнината од обновувањето на нашите дипломатски односи со Азербејџан, гледаме кон иднината со доверба и ја повторуваме нашата решеност за соработка во насока на заедничка благосостојба и развој.“