Faruk Zorlu
22 Септември 2020•Ажурирај: 23 Септември 2020
АНКАРА (АА) - Турција денес ја критикуваше одлуката на Европската Унија (ЕУ) за наметнувањето санкции врз турската поморска компанија, јавува Агенција Анадолија (АА).
„За нас нема вредност додавањето на нашата поморска компанија на списокот со санкции во контекст на Либија што произлезе од состанокот на Советот за надворешни работи на ЕУ“, се вели во соопштението на Министерството за надворешни работи на земјата.
„Екстремно е жално што е донесена толку погрешна одлука кога се прават напори да се намалат тензиите во Источниот Медитеран“, се додава во соопштението.
„Операцијата „Ирини“ на ЕУ го поддржува либискиот воен лидер Калифа Хафтар и ја казнува Владата за национално единство признаена од ОН“, се вели во соопштението.
Воената операција, одобрена од министрите за надворешни работи на ЕУ на 31 март годинава, се спроведува во воздух, на море и со сателити за да се осигури дека сите земји ја почитуваат забраната за обезбедување оружје на страните вклучени во либискиот конфликт.
„Додека помошта што ја дава нашата земја на легитимната влада е опишана како кршење на ембаргото, игнорирањето на земјите и компаниите што испраќаат оружје на пучистот Хафтар по копно и воздух, особено ОАЕ, е јасен показател за пристрасниот став на ЕУ“, се соопштува од Министерството.
Во соопштението се вели дека доколку ЕУ сака безбедност и стабилност во регионот, треба да се откаже од овој пристрасен став и да дејствува во консултација и соработка со Турција.
Според либискиот премиер Фајез ал-Сараџ, иако операцијата има за цел да го спроведе ембаргото на ОН за вооружување на завојуваните страни на Либија, главно се фокусира на поморските активности во Средоземното Море, додека страната на Хафтар - непријател на легитимната либиска администрација - продолжува да прима оружје и муниција главно преку воздух и копно.
Во Либија владее граѓанска војна од соборувањето на повеќедеценискиот лидер Моамер Гадафи во 2011 година. Во 2015 година беше формирана Влада на национално единство според договорот предводен од ОН, но напорите за долгорочно политичко решение не успеаја поради воената офанзива од страна на силите лојални на пучистот Калифа Хафтар.
ОН ја признаваат Владата предводена од премиерот Фајез ал Сараџ како легитимен претставник на земјата, којашто се бори против нападите на пучистот Хафтар.
Дипломатските напори за постигнување решение за либискиот конфликт сè уште траат по низата победи на либиската Армија против милициите на Хафтар.