Mehmet Akif Parlak
23 Февруари 2021•Ажурирај: 24 Февруари 2021
ГАЗИАНТЕП
Турската полиција приведе најмалку 50 лица за кои постојат наводи дека се поврзани со терористичката организација ФЕТО. Акциите за приведување се извршени во најмалку 22 турски области, јавува Агенција Анадолија (АА).
Во рамките на истрагата што ја спроведува Републичкото обвинителство во турскиот град Газиантеп, утврдено е дека припадниците на ФЕТО купувале СИМ-картички и ги пријавувале на имиња на студенти, домашни и странски, кои престојувале во т.н. куќи на ФЕТО.
Утврдено е исто така дека СИМ-картичките ги користеле високорангирани имиња во терористичката организација.
Исто така се наведува дека на запленетите телефони, во кои се пронајдени СИМ-картичките, откриени се и апликациите „БајЛок“ и „Какао талк“, а станува збор за системи за шифрирана комуникација меѓу припадниците на ФЕТО.
Обвинителството по завршената истрага издаде налог за приведување на најмалку 57 лица за кои постојат наводи дека се поврзани со терористите на ФЕТО, меѓу кои 50 од нив се веќе приведени. По преостанатите седум лица сè уште се трага.
Терористичката организација ФЕТО е одговорна за крвавиот обид за пуч во Турција, ноќта на 15 јули 2016 година.
Станува збор за терористичка организација предводена од Фетула Ѓулен, кој живее во Соединетите Американски Држави (САД), и чија екстрадиција Турција официјално ја побара од САД.
Припадниците на терористичката организација, со години, преку местење испити напредуваа во службата, инфилтрирајќи се на тој начин во институциите на државата. Потоа, најпрвин во декември 2013 година, членовите на ФЕТО во правосудството на Турција со монтиран процес за наводна корупција се обидоа да процесуираат бројни високи функционери.
Неколку години подоцна следуваше и неуспешниот крвав обид за државен удар на терористите на ФЕТО, односно обидот за пуч, што го изведоа офицерите кои ФЕТО ги инфилтрираше во турската Војска.
Истрагата во врска со терористичката организација ФЕТО покажа дека се работи за глобална мрежа, која не претставува опасност само за Турција, туку и за секоја друга земја во која е активна. На тоа во повеќе наврати укажуваа турските функционери. Во текот на обидот за државен удар во Турција загинаа 251, а ранети беа околу 2.200 лица.