Merve Yıldızalp
28 Декември 2021•Ажурирај: 29 Декември 2021
АНКАРА
Обвинителството во Анкара, главниот град на Турција, издаде налог за приведување на 11 лица поради учество во финансирање на терористичката организација ФЕТО, јавува Агенција Анадолија (АА).
Во соопштението на Обвинителството е наведено дека врз основа на исказ на покајници, Уредот за истражување на терористички акти покренал две истраги, проследени со процес на дешифрирање на дигиталниот материјал и физичко следење.
Во соопштението се вели дека осомничените учествувале во финансирањето на терористичката организација ФЕТО/ПДЈ и дејствувале во областа Анкара, како и планирале обид за бегство во странство.
Во тек е нивно процесирање.
Во посебна операција во Ескишехир, тројца бегалци беа фатени и осудени на затвор. Екипи од одделението за борба против тероризмот покренаа акција против Х.Д, С.О. и М.С, кои беа осудени на по шест години и три месеци затвор.
Осуммина осомничени беа приведени во неколку операции против терористите на ПКК/КЏК и ФЕТО/ПДЈ организирани во текот на неделата во турскиот град Ширнак.
Во соопштението од канцеларијата на гувернерот се вели дека акциите против терористите на ПКК/КЏК и ФЕТО/ПДЈ биле спроведениво периодот од 20-ти до 26-ти декември. Од осуммината приведени, шестмина се ослободени со мерки за забрана.
Во Адана е покренат судски процес против еден од високите членови на терористичката организација ФЕТО, во чии рамки е побарана затворска казна до 15 години.
Судскиот процес против Г.К, кој е обвинет дека бил меѓу организаторите на собири на терористите на ФЕТО, е покренат под обвинение за учество во терористичка организација, а побарана е затворска казна до 15 години.
Сведокот Н.А изјави дека Г.К организирал состаноци и користел кодно име за време на своите должности, како и дека учествувал на други состаноци на организацијата.
Терористичката организација ФЕТО е одговорна за крвавиот обид за пуч во Турција ноќта на 15 јули 2016 година.
Станува збор за терористичка организација предводена од Фетула Ѓулен, кој живее во Соединетите Американски Држави (САД) и чија екстрадиција Турција официјално ја побара од САД.
Припадниците на терористичката организација, со години, преку местење на испитите напредуваа во службата, инфилтрирајќи се на тој начин во институциите на државата. Потоа, најпрвин во декември 2013 година, припадниците на ФЕТО, со монтиран процес за наводна корупција, во правосудството на Турција се обидоа да процесуираат бројни високи функционери.
Неколку години подоцна следуваше и неуспешниот крвав обид за државен удар на терористите на ФЕТО, односно обидот за пуч, што го изведоа офицерите на ФЕТО инфилтрирани во турската војска.
Истрагата во врска со терористичката организација ФЕТО покажа дека се работи за глобална мрежа, која не претставува опасност само за Турција, туку и за секоја друга земја во која е активна. На тоа во повеќе наврати укажуваа турските претставници. Во текот на обидот за државен удар во Турција загинаа 251, а ранети беа 2.734 лица.