Can Erözden
12 Мај 2019•Ажурирај: 13 Мај 2019
АНКАРА (АА) - Турција денеска остро ги отфрли наводите на поранешниот притвореник за тортура, обвинет за ширење терористичка пропаганда, по повикот од претставник на германското Министерство за надворешни работи, Анкара да остане посветена на меѓународните конвенции против тортурата, јавува Anadolu Agency (AA).
„Турција е дел од сите конвенции на Обединетите нации и на Советот на Европа против тортурата и лошиот третман. Сите места во Турција каде што лицата се лишуваат од слобода се отворени за мониторинг од страна на меѓународните механизми“, истакна портпаролот на турското Министерство за надворешни работи, Хами Аксој.
„Политиката на нулта толеранција против полициската тортура прецизно се имплементира уште од 2003 година“, додаде Аксој.
Реакцијата на Турција следува по изјавата на портпаролот на германското Министерство за надворешни работи, кој ја повика Турција да остане посветена на Конвенцијата против тортурата.
Повикот од Германија дојде откако германската новинска агенција објави сторија во која се наведува тврдењето на германско-турскиот државјанин Дениз Јуџел, кој е обвинет за ширење терористичка пропаганда во Турција.
Јуџел тврди дека бил малтретиран од страна на турските власти за време на неговиот притвор во казнено-поправна установа со висок степен на безбедност во Истанбул.
Аксој рече дека овие тврдења се целосно неосновани, бидејќи Турција темелно ги истражува сите наводи за тортура и лош третман и покажува транспарентен став во врска со ова прашање.
„Статутот на ограничувања во однос на кривичното дело тортура беше целосно укинат во 2013 година. Сметаме дека е значајно кога државни органи сериозно ги земаат овие неосновани тврдења кои имаат за цел да ја деградираат Турција“, додаде тој.
Јуџел, дописник на германскиот весник „Ди велт“ (Die Welt), беше приведен во февруари 2017 година под сомнение за ширење терористичка пропаганда во корист на ПКК и ФЕТО. Тој беше ослободен од притвор во февруари 2018 година, во исчекување на судскиот процес.
Во својата над 30-годишна терористичка кампања против Турција, ПКК, која се наоѓа на листата терористички организации на Турција, САД и ЕУ, одговорна е за смртта на околу 40.000 луѓе, вклучувајќи и жени и деца.
ФЕТО и нејзиниот водач Фетула Ѓулен кој живее во САД, стојат зад неуспешниот обид за државен удар на 15 јули 2016 година во Турција, во кој загинаа 251 лице, речиси 2.200 беа повредени.
Терористичката ФЕТО стои и зад долготрајната кампања за соборување на државниот поредок преку нејзино инфилтритање во турските институции, особено во војската, полицијата и судството.