Dilara Küçükerdoğan
14 Март 2016•Ажурирај: 14 Март 2016
АНКАРА (AA) – Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган најостро го осуди терористичкиот напад во кој во Анкара се убиени најмалку 34 лица и порача дека таквите напади на целовитоста на државата и единството нема да ја загрозат решителната борба против тероризмот во Турција, јавува Anadolu Agency (AA).
„Никој нека не се плаши во Турција, борбата против тероризмот која државата во соработка со сите нејзини институции и граѓани ја води сигурно ќе резултира со победа и тероризмот ќе биде поразен до крај", порача Ердоган.
Ердоган истакна дека народот на Турција по овие напади е поединствен отколку било кога порано во борбата против тероризмот, терористите и оние кои се позади нив, како и дека сигурно ќе ги надминат овие тешки денови.
„Како последица на нестабилноста во регионот во изминатите неколку години Турција стана мета на терористички напади. Терористичките организации и оние кои ги користат како марионети ја губат борбата против безбедносните сили, па се вртат кон неморални, несовесни и стравични потези и за мета на нападите ги земаат невините цивили", рече Ердоган.
Турскиот претседател заклучи дека Турција никогаш нема да се откаже од легитимното и легалното право да се бори против секоја безбедносна закана и во неа користи војни, полициски и други потребни ресурси.
Најмалку 34 лица загинаа, 125 се ранети во експлозијата на автомобил бомба во самиот центар на Анкара. Експлозијата одекна во 18.45 часот по локално време во квартот Кизилај во непосредна близина на автобуската станица.
„Терористичкиот напад е изведен со активирање на автомобил-бомба во движење, на автобуска станица во квартот Кизилај во Анкара. Мета на нападот беа цивили кои чекале автобус на станицата. Најостро го осудуваме тој подол чин. Повторно порачуваме дека оние кои стојат зад овој напад нема да успеат во своите цели. Овој народ надмина многу проблеми“, рече турскиот министер за внатрешни работи Ефкан Ала.
Нагласувајќи дека со истрагата се собрани веќе доста докази, Ала рече дека ќе има одговорни за нападите и дека ќе ги објават по завршетокот на истрагата, а дека се надева дека тоа ќе биде уште утре.