Турција

Турција: Одлука за приведување 92 лица, припадници на терористичката организација ФЕТО

Во рамките на истрагата за лицата кои се припадници на терористичката организација ФЕТО, а се инфилтрирале во Турските вооружени сили, полицијата и здравството, донесена е одлука за приведување на 92 осомничени лица, од кои се приведени 52 лица

Murat Kaya  | 04.02.2020 - Обновена : 05.02.2020
Турција: Одлука за приведување 92 лица, припадници на терористичката организација ФЕТО

ИСТАНБУЛ/АНКАРА/МАНИСА (АА) - Во рамките на истрагата за лицата кои се припадници на терористичката организација ФЕТО, а се инфилтрирале во Турските вооружени сили, полицијата и здравството, донесена е одлука за приведување на 92 осомничени лица, од кои се приведени 52 лица, јавува Агенција Анадолија (АА).

Јавните републички обвинителства на Истанбул, Анкара и Маниса, кои спроведуваат судски истраги против припадниците на ФЕТО, донесоа одлука за приведување на 92 лица под сомнение за поврзаност со оваа терористичка организација.

Во рамките на истрагата на Канцеларијата за борба против тероризам и организиран криминал при Јавното обвинителство на Истанбул, под обвинение дека како припадници на ФЕТО се инфилтрирале во структурата на Турските вооружени сили, донесена е одлука за приведување на 47 осомничени, од кои 25 активни лица во воената служба, 15 лица кои претходно биле исклучени од службата, 4 лица кои привремено биле суспендирани, 2 пензионирани лица и еден цивил.

Синоќа во 20 турски области се изведени истовремени акции, при што се приведени 17 лица. Продолжуваат активностите за пронаоѓање и на останатите 30 осомничени.

Осомничените лица се идентификувани врз основа на изјавите на лицата што претходно се приведени поради членство во терористичката организација ФЕТО и откриената комуникација преку фиксни телефонски линиии на осомничените лица со „тајните имами" на ФЕТО (цивилни лица, припадници на терористичката организација одговорни за членовите на ФЕТО инфилтрирани во вооружените сили).

Јавното републичко обвинителство на Анкара објави дека како резултат на активностите на Турската разузнавачка служба (МИТ) и екипите на полицијата на Анкара, откриено е дека персоналот на Универзитетот за здравствени науки ГАТА бил вклучен во структурата на доверливи услуги на ФЕТО, поради што е донесена одлука за приведување на 32 лица кои се дел од персоналот на овој универзитет.

Екипите на полицијата на Анкара по налогот добиен од Обвинителството во 7 турски области започнаа операции за приведување на 32 осомничени, од кои 17 лица се сè уште активни во службата, меѓу кои има и професори и доценти.

Во операциите се приведени 23 лица, а во тек се активности за пронаоѓање на останатите осомничени.

Во подрачјето на Маниса организирани се операции на полицијата за откривање на припадниците на ФЕТО во Полициската академија и Средното воено училиште.

Во рамките на истрагата за откривање на припадниците на терористичката организација ФЕТО, Јавното републичко обвинителство на Маниса донесе одлука за приведување на 13 лица под обвинение дека како припадници на оваа организација се инфилтрирале во структурата на Турските вооружени сили и во полицијата.

Екипите на Одделот за борба против тероризам на полицијата на Маниса изведоа операции во кои се приведени 12 лица.

Меѓу осомничените има адвокати, здравствени работници и наставници, а откриено е дека ја користеле програмата „БајЛок“, што терористичката организација ФЕТО ја употребува за шифрирана меѓусебна комуникација.

Осомничените се обвинети дека како дел од структурата на организацијата во Турските вооружени сили и во структурата на полицијата преку специјални линии комуницирале со нивните претпоставени, кои биле цивили и од кои добивале наредби кои лица ќе бидат примени во воените средни училишта и полициски академии, дека правеле нерегуларности во здравствените извештаи и во текот на образовниот процес им помагале на учениците што биле под нивна контрола.

Продолжуваат активностите на полицијата за приведување на преостанатиот осомничен.

ФЕТО и нејзиниот водач, Фетула Ѓулен, кој живее во Соединетите Американски Држави (САД), стојат зад неуспешниот обид за државен удар на 15 јули 2016 година во Турција, во кој загинаа 251 лице, а речиси 2.200 беа повредени.

Терористичката ФЕТО стои и зад долготрајната кампања за соборување на државниот поредок преку инфилтрација на нејзините припадници во турските институции, особено во војската, полицијата и судството.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.