Burak Bir
05 Февруари 2020•Ажурирај: 06 Февруари 2020
АНКАРА (АА) - Турција утре ќе започне со скенирање со термални камери на сите патници што доааѓаат од меѓународните летови како последица на епидемијата со коронавирус, изјави турскиот министер за здравство, Фахретин Коџа, јавува Агенција Анадолија (АА).
Турција на 3 февруари одлучи да започне да ги скенира со термални камери патниците што доаѓаат од Јапонија, Тајван, Хонгконг, Сингапур, Јужна Кореја и Малезија.
„Со оглед на тоа што коронавирусот најчесто не ги погодува децата на возраст под 15 години, училиштата не треба да бидат загрижени“, изјави Коџа на прес-конференцијата во главниот град Анкара.
Тој изјави дека во земјата има доволно заштитни маски за лице и дека постои капацитет за нивно понатамошно производство.
Кина во втората половина на јануари нарача вкупно 200 милиони заштитни маски за лице од турските медицински фирми.
Осврнувајќи се на екипажот на летот и медицинскиот тим, кој евакуираше 42 лица од Кина, тој рече дека тие би можеле да бидат задржани под медицински надзор, врз основа на предлогот на Научниот комитет.
Во научните истражувања поврзани со новиот тип коронавирус е откриено дека генезата на вирусот потекнува од кинеските видови лилјаци и змии, поради што, сè додека не заврши епидемијата, во Кина е забранета трговијата со диви животни.
Заразувањата со коронавирус се забележани во земјите низ Азија, Европа, САД и Канада.
Покрај Кина, вирусот се прошири во над 20 земји, вклучувајќи ги Белгија, Јапонија, Јужна Кореја, Тајланд, САД, Сингапур, Франција, Виетнам, Малезија, Камбоџа, Шри Ланка, Филипини, Индија, Непал, Русија и Канада.