Handan Kazancı,Rabia İclal Turan
21 Април 2022•Ажурирај: 22 Април 2022
ИСТАНБУЛ (АА) - Некои земји членки на НАТО сакаат војната во Украина да продолжи за Русија да стане послаба, истакна турскиот министер за надворешни работи Мевлут Чавушоглу, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во телевизиско интервју за „Си-ен-ен Турк“ (CNN Turk), Чавушоглу рече дека Турција не мислела дека војната помеѓу Русија и Украина ќе трае долго по мировните преговори во Истанбул.
„Но по состанокот на министрите за надворешни работи на НАТО се доби впечаток дека... има такви меѓу земјите членки на НАТО кои сакаат војната да продолжи, и Русија да стане послаба.“
Руската и украинската делегација се состанаа на мировни преговори во Истанбул на 29 март откако војната продолжи со зголемување на бројот на жртвите од двете страни.
За време на преговорите, украинските власти ја сигнализираа нивната подготвеност да преговараат за неутрален статус кој е клучен во руското барање, но бараа безбедносни гаранции за нивната земја.
Русија во меѓувреме вети дека значително ќе ги намали своите воени активности кон украинските градови Киев и Чернихив за да изгради доверба за идните преговори.
За можноста за состанок помеѓу лидерите на Русија и Украина во Турција, Чавушоглу рече дека турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган е во постојан контакт со Владимир Путин и Владимир Зеленски.
„Претседателот Ердоган ќе зборува повторно со лидерите во наредните денови. Јас зборував со [рускиот министер за надворешни работи] Лавров и со [украинскиот министер за надворешни работи, Дмитро] Кулеба“, додаде Чавушоглу.
„Состанок на Путин и Зеленски во Турција сѐ уште важи како понуда“, рече тој.
- С-400 и Ф-35 -
Запрашан за можноста Соединетите Американски Држави (САД) да ги укинат санкциите КААТСА (Закон за спротивставување на противниците на САД со санкции) против Турција, Чавушоглу рече: „Ние гледаме дека тие се пофлексибилни и се обидуваме да најдеме решение.“
„За време на состанокот помеѓу [американскиот претседател Џо] Бајден и нашиот претседател, од Бајден беше предложено воспоставување на стратешки механизам“, рече тој.
„Одржавме состанок во Анкара на ниво на заменици министри. Ќе се сретнеме на министерско ниво на 18 мај.“
Запрашан дали има можно решение за кризата со С-400 и Ф-35, турскиот министер рече дека тој верува оти „ако продолжи овој пристап“, проблемот ќе се реши „во наредниот период, ако не сега“.
САД под водство на поранешниот претседател Доналд Трамп ја санкционира Турција во 2020 година, откако Анкара го купи напредниот систем С-400 за противвоздушна одбрана и ја отстрани Турција претходната година од заедничката програма за борбените авиони Ф-35.
Вашингтон тврди дека С-400 може да се користи од Москва за тајно добивање податоци за авионите Ф-35 и дека е нефункционален со системите на НАТО. Анкара забележа дека сепак, С-400 нема да биде интегриран во системите на НАТО и дека не поставува ризик за авионите Ф-35.
- Турско-израелски односи -
Запрашан за односите помеѓу Турција и Израел, Чавушоглу рече дека тој ќе ги посети Палестина и Израел наредниот месец.
Истакнувајќи дека дијалогот на двете страни е секогаш корисен, тој рече: „Не само [палестинскиот претседател Махмуд] Абас, туку, исто така, и од Хамас рекоа дека нормализацијата на односите помеѓу Израел и Турција е многу корисна за нив.“
Како одговор на прашањето за потенцијалот на проектот за гасовод Турција - Израел, Чавушоглу рече: „Се чини дека има многу значајни резерви во територијалните води на Израел и континенталниот гребен.“
„Турција е најекономичниот пат за овие резерви да стигнат до меѓународните пазари, а особено до Европа“, рече тој.
Додаде дека доколку се донесе одлука за ваков проект, тој ќе биде завршен за четири до пет години.