Hatice Özdemir Tosun
07 Септември 2020•Ажурирај: 08 Септември 2020
АНТАЛИЈА (АА) - ХАТИЏЕ ОЗДЕМИР ТОСУН -
На аеродромот во Анталија, во Република Турција, за два месеца се спроведени 16.024 летови.
Во Анталија повторно доаѓа до зголемување на бројот на туристите, а во август се евидентирани 798.524 туристи кои се одлучиле на сигурен и здрав туризам. На почетокот на туристичката сезона дојде и до зголемување на фреквенцијата на аеродромот во Анталија.
Директорот на аеродромот во Анталија, Дениз Варол, за Агенција Анадолија (АА) изјави дека во јули и август се забележани вкупно 16.024 летови, од кои 11.247 меѓународни и 4.777 домашни.
На аеродромот се опслужени 2.342.959 патници, од кои 1.727.118 на меѓународните летови на 117 рути кон 31 земја. Тој додаде дека посебен пораст на патниците е забележан во август.
Појасни и дека е забележан пораст на бројот на дестинациите во земјата и дека сега летовите од Русија се одвиваат од 16 градови, наместо претходните седум.
Варол изјави дека се среќни што Анталија станала врата кон светот.
„Предвидуваме дека движењето што започна во август би можело да потрае до крајот на годината. Кон крајот на годината би можеле да видиме податоци кои би дале надеж за периодот пред нас“, наведе Варол.
Тој смета и дека за зголемувањето на бројот на патниците значајно придонел Сертификатот за безбеден туризам и дека аеродромите се еден дел од овој проект. Потсети и на мерките што се преземени во согласност со овие критериуми.
„Како што растеше довербата во градот и аеродромот, така и растеше бројот на патниците“, наведува Варол.
Варол изјави и дека отвориле уште еден терминал откако е зголемен бројот на гостите од Русија.
„Оформивме специјален тим за патниците за време на доаѓање и заминување да имаат потполно безбедни услови за патување, а имаме и екипа за надзор. Овие тимови ги потсетуваат патниците на правилата на кои треба да се придржуваат и ги предупредуваат оние што не се придржуваат.“
„Сè додека се придржуваме до правилата, можеме да ја одржиме оваа фреквентност, а нашите гости со мирно срце да го поминат одморот“, изјави Варол.
Тој наведе дека Турција презела значајни мерки во борбата против Ковид-19, што е презентирано и во странство. Додаде дека тоа е многу важно за движењето за време на туристичката сезона.
„Кога ќе ги погледнеме мониторите, гледаме авиони од значајни дестинации меѓу кои се Русија, Германија, Украина, Полска и Велика Британија. Но, гледаме и дека патниците доаѓаат и од Балканот, од Албанија, Северна Македонија и други делови. Не само на постојаните гости, туку и на другите им докажавме дека сме безбедна дестинација“, изјави Варол.
Тој појасни дека персоналот на аеродромот неуморно работи на извршување на својата работа, а бројот на вработени во секторите за одржување хигиена и безбедност е зголемен. Изјави дека иако бројките не се еднакви на оние од минатата година, тие се еднакви со оние од претходните години.