Mustafa Çalkaya
20 Август 2021•Ажурирај: 23 Август 2021
ИСТАНБУЛ (АА)
- Мустафа ЧАЛКАЈА
Бродоградилиштето „Арес“, кое ја разви серијата УЛАК (ULAQ), првото беспилотно морско пловило на турската одбранбена индустрија, се подготвува за производство и на одбранбено-борбеното беспилотно пловило УЛАК ДСХ/АСВ (ULAQ DSH/ASW), наменето за борба против подморници, јавува Агенција Анадолија (АА).
Утку Аланч, челникот на компанијата од Анталија, разговараше со новинарот на АА на маргините на 15. Меѓународен саем на одбранбената индустрија (IDEF 2021), кој се одржува во Истанбул. Во таа пригода Аланч информира дека беспилотното пловило УЛАК е унапредено со проектили наведувани со ласер кои на тестирањето прецизно ја погодиле целта.
Истакнувајќи дека турската одбранбена индустрија константно работи на унапредување на беспилотните пловила, Аланч рече дека УЛАК е најновиот модел кој е изложен на Саемот ИДЕФ 2021.
„Работевме на развој на два нови модели на борбен чамец против подморници. Во последно време, забележуваме сѐ повеќе саботажи на пристаништата изведени од нуркачки тимови или од мали подморници. За да спречиме такви напади, во соработка со партнерската компанија „Метексан“, го развивме беспилотното борбено пловило за борба против подморници. Дизајнот во потполност е завршен и ние сме подготвени за негово производство. Правиме сѐ за тоа да се случи оваа година. Наш приоритет се потребите на турските сили, а потоа се планира и извоз“, рече Аланч.

Тој додаде дека учеството на домашното производство во проектот за производство на беспилотното пловило достигнало 90 %, а системите за оружје на тие пловила во потполност се домашен производ на Турција. Аланч информира дека компанијата очекува во октомври да започне со производство на одбранбено-борбеното беспилотно пловило и додаде дека кога ќе се премине во сериско производство, годишниот производствен капацитет би изнесувал 50 беспилотни борбени пловила.
Аланч истакна дека бродоградилиштето „Арес“ работи и на голем број други проекти во одбранбената индустрија, и додаде: „Ги произведовме речиси сите бродови на новата флота на Командата на катарската крајбрежна стража.“
„Во моментов очекуваме уште еден проект од Катар поврзан со противпожарни бродови. Присутни сме и во Оман, а продаваме и чамци на африканскиот пазар. Нашата цел е наскоро да влеземе и на јужноамериканскиот пазар, за кој е познато дека е тешко достапен“, рече Аланч.