Ekrem Payan,Halil İbrahim Sincar
10 Декември 2021•Ажурирај: 11 Декември 2021
ШИРНАК (АА) - Долината Бертур, која се наоѓа на околу 60 километри од градот Ширнак во истоимената турска област, и водопадот Кајабојун во подрачјето на истоименото село на падините на планината Габар, се на трасата на сè поголем број туристи секоја година, пишува Агенција Анадолија (АА).
Долината и водопадот кои се неодминлива адреса на посетителите во летните месеци, и во зимските месеци нудат поинакви убавини.
Регионот во кој во пролетните и летните месеци доминираат зелените нијанси, во зима го красат различни нијанси на кафеава, жолта, црвена и портокалова боја, давајќи му посебна убавина.

Љубителите на природата кои во зима доаѓаат во регионот, воодушевени се од визуелното богатство што го нудат долината и водопадот.
Управителот на Кајабојун, Хакан Вурал, за AA изјави дека нивното село дошло до израз во алтернативниот туризам благодарение на природата што го опкружува.
Истакнувајќи дека регионот е меѓу првите места што ги претпочитаат оние кои сакаат да се ослободат од стресот на денот, да заминат на пикник и убаво да се забавуваат во природа, Вурал истакна дека посакува долината и скриените природни убавини на планината Габар да бидат вклучени во туристичката понуда.

Тој рече дека долината нуди алтернативи, особено за љубителите на природата.
„Сакаме планината Габар, нашиот регион и нашата земја да бидат запаметени по убавините. Има кадри кои наликуваат на слики за разгледници, може да се изработат многу убави фотографии. Ова е рај за алтернативниот туризам. Ги очекуваме домашните и странските туристи и љубители на природата, само под услов да не ја загадуваат природата.“

Јасин Пајан, посетител од турскиот град Ширнак, изјави дека често го посетува регионот во текот на летните месеци. Раскажувајќи дека првпат дошол во регионот во период кога температурите се ниски, Пајан истакна дека е фасциниран од природата и во зимскиот период.
Порача дека секој треба да ја види убавината на овој регион: „И природата и водопадот и севкупниот пејзаж имаат една поинаква убавина. Долините и пештерите се прекрасни. На ова место сите четири годишни времиња се прекрасни“, рече Пајан.