Muhammet Tarhan
02 Април 2022•Ажурирај: 03 Април 2022
АНКАРА (АА) - Министерството за надворешни работи на Турција го поздрави договорот постигнат меѓу јеменските страни за прогласување примирје на два месеци, почнувајќи од почетокот на Рамазан, муслиманскиот месец на постот, јавува Агенција Анадолија (АА).
Во соопштението на Министерството се изразува надеж дека овој позитивен чекор ќе доведе и до прогласување трајно примирје и до процес на политичко решение во целата земја.
Се додава дека Турција ќе продолжи да ги поддржува напорите на специјалниот претставник на Обединетите нации (ОН) во овој процес и да поттикнува дијалог и помирување и да пружа поддршка на јеменскиот народ.
„Сметаме дека решавањето на судирот во Јемен во рамките на резолуциите на Советот за безбедност на ОН и утврдените меѓународни норми, преку дијалог и врз основа на уставниот легитимитет, е клучно за воспоставување трајна безбедност и стабилност во нашиот регион“, се наведува во соопштението.
ОН вчера објавија дека страните во Јемен се договориле за двомесечен прекин на огнот и дека прекинот на огнот ќе стапи на сила на 2 април во 19 часот по локално време.
Ханс Грундберг, специјалниот пратеник на ОН за Јемен, објави дека јеменската Влада и Хусите се сложиле да ги прекинат воздушните, копнените и поморските операции.
Грундберг истакна и дека прекинот на огнот може да биде обновен по двомесечниот период со согласност на страните.
Јемен е средиште на судири и насилство од 2014 година, кога бунтовничкото движење на Хусите ја презеде контролата врз поголем дел од земјата, вклучувајќи го и главниот град Сана.
Конфликтот ескалираше една година подоцна кога Саудиска Арабија и нејзините арапски сојузници застанаа зад Владата на Јемен и почнаа да вршат воздушни напади врз позициите на побунениците.
Според ОН, во Јемен, каде што владее една од најтешките хуманитарни кризи во светот, на меѓу 22 и 30 милиони луѓе им е потребна помош и заштита. Над 233.000 луѓе загинаа во судирите што траат седум години.