Турција

Турција го поддржува обединетиот палестински фронт против Израел

„Во потполност ја поддржуваме одлуката на палестинските политички претставници да се обединат против израелскиот илегален план на анексија“, рече Калин

Sena Güler, Firdevs Bulut  | 03.07.2020 - Обновена : 04.07.2020
Турција го поддржува обединетиот палестински фронт против Израел

АНКАРА

Гласноговорникот на Кабинетот на претседателот на Република Турција, Ибрахим Калин, изрази солидарност со палестинскиот обединет фронт против израелскиот план на анексија, јавува Агенција Анадолија (АА).

„Во потполност ја поддржуваме одлуката на палестинските политички претставници да се обединат против израелскиот илегален план на анексија“, рече Калин во соопштението по повод планот на Израел да ги анектира деловите на окупираниот Западен Брег.

Калин порача дека верува оти обединетиот фронт на палестинскиот народ против обидот за анексија, духот за единство и солидарност на Палестинците ќе ги направи трајни.

Нагласи уште еднаш дека со плановите на Израел за анексија се крши меѓународното право и дека таквата иницијатива нема никаква легитимна основа.

„Светот мора да ги отфрли новите израелски политики за окупација и заземање територии и да го поддржи палестинскиот народ“, додаде Калин.

Тој на крајот истакна дека Турција и понатаму ќе биде со палестинскиот народ во неговата исправна и легитимна борба.

Палестинските движења „Хамас“ и „Фатах“ вчера донесоа одлука за заедничко дејствување против таканаречениот Мировен план за Блискиот Исток, кој американскиот претседател Доналд Трамп го нарекува „Договор на векот“, односно против спроведувањето на израелскиот план за анексија на Западниот Брег.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху формираше заедничка израелска Влада со лидерот на опозицијата, Бени Ганц, и двајцата најавија дека од 1 јули ќе го забрзаат планот за анексија на Јорданската Долина и другите територии на Западниот Брег, на кои се изградени нелегални еврејски населби.

Анексијата доаѓа како дел од „Договорот на векот“ на американскиот претседател Доналд Трамп, кој е објавен на 28 јануари, а се однесува на Ерусалим (Кудс) како неделив главен град на Израел и се признава израелскиот суверенитет над големи делови на Западниот Брег. Во планот се наведува воспоставување на држава Палестина како архипелаг поврзан со мостови и тунели.

Палестинските функционери тврдат дека според американскиот план Израел ќе анектира 30 до 40 отсто од Западниот Брег, вклучувајќи го целиот Источен Ерусалим (Источен Кудс).

Западниот Брег, вклучувајќи го Источен Ерусалим (Источен Кудс), се смета за окупирана територија според меѓународното право, поради што сите еврејски населби на таа територија, како и планиратата анексија, се илегални.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.