Merve Yıldızalp Özmen
24 Октомври 2020•Ажурирај: 25 Октомври 2020
АНКАРА (АА) - Турското Министерство за одбрана денес соопшти дека во операциите на турските сили минатиот месец неутрализирани се 119 терористи на ПКК, од кои 53 во земјата и 66 во прекуграничните операции, јавува Агенција Анадолија (AA).
Пинар Кара, раководителка на Одделот за односи со јавноста во турското Министерство за одбрана, изјави дека турските сили одлучно ја продолжуваат борбата против сите терористички организации ПКК/КЏК/ПЈД-ЈПГ и ДЕАШ.
Додаде дека турските сили во операциите уништиле и 165 складишта за оружје, засолништа и пештери што ги користеле терористите.
Истакна дека по договорот постигнат на 5 март и примирјето, во своите домови во Сирија се вратиле над 400 илјади Сиријци.
Кара потсети и дека ерменските сили и понатаму продолжуваат со нападите врз Азербејџан, што започнаа на 27 септември 2020 година, и дека и покрај прекинот на огнот прогласен на 10 и 18 октомври, вршат напади врз цивилите и цивилните населби, со што отворено го кршат меѓународното право.
„Ерменија мора да ги врати назад терористите и своите платеници и да стави крај на нападите и неправедната окупација на азербејџанската територија со цел да се воспостави мир и стабилност во регионот. Турција, како и досега, ќе продолжи со поддршката на своите браќа во Азербејџан во нивната праведна борба“, рече Кара.
Порача и дека Турција и понатаму ќе стои покрај Либија за да се осигури територијалниот интегритет, одржливиот прекин на огнот, трајниот мир и стабилноста во земјата.
Истакна дека наменскиот брод за сеизмички истражувања „Оруч Реис“ ќе продолжи со активностите во Источниот Медитеран до 27 октомври.
„Никогаш нема да се согласиме на обидите Турција и Турската Република Северен Кипар да се исклучат од Источен Медитеран по прашањето за распределба на природните ресурси во тој регион. Турција како земја со најдолго крајбрежје во Источниот Медитеран смета дека со консензус на сите приморски држави ресурсите треба да бидат распределени рамноправно. Истражувањата за јаглеводороди што ги спроведуваме во регионот се засноваат на нашите легитимни права во рамките на меѓународното право“, рече Кара.