КАЈСЕРИ (АА) - Претседателот на Република Турција и претседател на АК Партијата, Реџеп Таип Ердоган, порача дека Турција ќе продолжи да пружа секаков вид поддршка на борбата на Азербејџан за ослободување на окупираните територи од ерменските сили, јавува Агенција Анадолија (AA).
„Утрово разговарав со братот Илхам Алијев [претседателот на Азербејџан]. Нашите браќа Азербејџанци сега се движат кон окупираните подрачја кои почнаа да се враќаат“, рече Ердоган во обраќањето на Седмиот областен конгрес на АК Партијата во Кајсери.
Тој се осврна и на прашањето за растечката исламофобија во Европа, нагласувајќи дека веднаш мора да престанат ваквите постапки и однесување кон муслиманите.
„Европа, со фронтот што го отвори против муслиманите, го подготвува својот крај. Ако тоа не го решат што е можно побрзо, оваа болест ќе ја сруши одвнатре цела Европа“, рече Ердоган, осудувајќи ја полициската рација во џамијата во Берлин.
„Со ваквите напади врз правата на муслиманските граѓани, европскиот фашизам премина во нова фаза“, рече Ердоган.
Тој ги коментираше и случувањата во соседните земји, посебно во Сирија и Ирак, напоменувајќи дека Турција никогаш нема да дозволи формирање терористички упоришта покрај нејзините граници.
„Постојат обиди за воспоставување терористичка држава на границата на Сирија со Ирак. Турција никогаш нема да дозволи формирање на такво терористичко мочуриште покрај своите граници“, додаде тој.
Потсети на откривањето резерви од 320 милијарди кубни метри природен гас во изворот „Туна-1“ (Дунав-1) во полето за гас Сакарија во Црното Море, и дека со дополнителните истражувања се зголемени резервите на гас на рекордни 405 милијарди кубни метри.
„Резервите на гас од 405 милијарди кубни метри што ги најдовме во Црното Море, секако, ги зголемија надежите и за нашите активности и дупчењата што ги спроведуваме во Медитеранот“, рече Ердоган.
Се осврна и на односот со претседателот на Франција, прашувајќи се зошто Емануел Макрон така се однесува кон исламот и муслиманите.
„На Макрон му е потребно лекување во ментален поглед. Што друго можеме да кажеме за шеф на држава кој не ја разбира слободата на верувањето и кој на таков начин се однесува со милиони луѓе од различни религии што живеат во неговата земја“, рече Ердоган и потсети дека Макрон често го споменува и него, како претседател на Турција, во своите настапи.
„Занимавањето со Ердоган нема да ти донесе ништо. Изборите таму се за една година. Ќе видиме како ќе се покаже на изборите. Мислам дека пред него не претстои долг пат. Зошто? Не можеше ништо да придонесе ни за Франција за да може да се избори за себе“, рече Ердоган.
Тој ја обвини Франција и поради случувањата во регионот Нагорно Карабах.
„Тие стојат и зад катастрофата во Азербејџан, зад окупацијата. Вие сте во Групата Минск. Што направивте досега? Ја ослободивте ли азербејџанската територија од окупаторите? Не. Само на Ерменците им испраќате оружје и мислите дека ќе воспоставите мир со оружјето што им го испраќате. Не можете така. Не сте искрени“, порача Ердоган.