İrem Demir,Başak Akbulut Yazar
26 Април 2022•Ажурирај: 27 Април 2022
ИСТАНБУЛ (АА) - Во рамките на истрагата против структурите на терористичката организација ФЕТО во Вооружените сили на Турција спроведена во Истанбул, приведени се 23 лица, јавува Агенција Анадолија (АА).
Во текот на истрагата, Истражното биро за испитување на терористички акти при Обвинителството во Истанбул откри комуникација помеѓу осомничените, а собрани се дополнителни докази врз основа на исказите на покајаниците.
Донесена е одлука за издавање налог за апсење на 53 лица, меѓу кои тројца подофицери на Копнените сили, суспендиран е офицер на Воздухопловните сили и питомци на затворените воени школи.
Акциите се организирани во 16 градови, вклучително и Истанбул.
Приведени се 23 лица.
Терористичката организација ФЕТО одговорна е за крвавиот обид за пуч во Турција ноќта на 15 јули 2016 година.
Станува збор за терористичка организација предводена од Фетула Ѓулен, кој живее во Соединетите Американски Држави (САД) и чија екстрадиција Турција официјално ја побара од САД.
Припадниците на терористичката организација, со години, преку местење на испитите напредуваа во службата, инфилтрирајќи се на тој начин во институциите на државата. Потоа, најпрвин во декември 2013 година, припадниците на ФЕТО, со монтиран процес за наводна корупција, во правосудството на Турција се обидоа да процесуираат бројни високи функционери.
Неколку години подоцна следуваше и неуспешниот крвав обид за државен удар на терористите на ФЕТО, односно обидот за пуч, што го изведоа офицери кои ФЕТО ги инфилтрира во турската војска.
Истрагата во врска со терористичката организација ФЕТО покажа дека се работи за глобална мрежа, која не претставува опасност само за Турција, туку и за секоја друга земја во која е активна. На тоа во повеќе наврати укажуваа турските претставници. Во текот на обидот за државен удар во Турција загинаа 251, а ранети беа 2.734 лица.