Ahmet Gürhan Kartal
05 Ноември 2018•Ажурирај: 06 Ноември 2018
ЛОНДОН (АА) - Турција ќе биде домаќин на околу 50 милиони туристи во 2019 година, истакна денес турскиот министер за култура и туризам, Мехмет Нури Ерсој, јавува Anadolu Agency (AA).
Во своето обраќање на отворањето на турскиот штанд на Светскиот саем за туризам 2018 во Лондон, Ерсој рече дека министерството планирало пораст од 30 или 35 отсто на бројот на британски туристи во Турција во 2018 година.
Министерот додаде дека оваа цел ќе се постигне доколку резервациите продолжат со исто темпо.
Ерсој, исто така, истакна дека бројот на странски туристи кои ја посетуваат Турција ќе ја надмине бројката од 40 милиони во 2018 година.
„Очекувам пораст од 23 отсто следната година. Се надевам ќе ја достигнеме целта од 48 милиони (туристи)“, додаде Ерсој.
Говорејќи пред претставниците на туристичкиот сектор, Ерсој рече дека ќе се зголеми буџетот на министерството за промовирање на турскиот туризам и додаде дека Велика Британија и Германија ќе бидат главните точки за промоција.
Тој истакна дека земјите од руското говорно подрачје и арапските земји ќе бидат следните цели во промовирањето на Турција како туристичка дестинација.
Нагласувајќи го неодамнешниот договор потпишан со „Turkish Airlines“ (Туркиш ерлајнс), Ерсој истакна дека закажаните летови, покрај чартер летовите, за Анталија, Бодрум, Даламан и Измир ќе започнат во април 2019 година.
Турскиот министер рече дека Турција обезбеди и пакети за кратки патувања во градовите, потоа културен и здравствен туризам покрај масовниот туризам, и на тој начин забележа раст во туристичкиот сектор.