Турција

Турција: Бодрум годинава очекува тројно повеќе руски и украински туристи

„Бодрум е место кое ве тера да се вљубите во него и да сакате одново и одново да го посетувате овој извор на среќа и спокој“

Sorvar Alam  | 11.04.2021 - Обновена : 12.04.2021
Турција: Бодрум годинава очекува тројно повеќе руски и украински туристи

МУГЛА (АА) - Туристичката дестинација на турскиот брег, Бодрум, е спремна да биде домаќин на странските туристи, а според градоначалникот на градот, се очекува трипати поголем број странски туристи од 2020 година, и покрај пандемијата на коронавирусот, пишува Агенција Анадолија (АА).

Паралелно со подготовките за туристичката сезона, југозападната турска туристичка дестинација се надева дека годинава ќе прими трипати повеќе туристи.

„Оваа година добиваме позитивен одговор од руските и украинските туристи“, изјави градоначалникот Ахмет Арас за новинарите во Бодрум, нагласувајќи дека ова лето очекува најмалку два до трипати поголем број странски туристи.

Бодрум, каде што Егејското Море се среќава со Средоземното Море, е туристичко средиште и за Британците, Германците, Белгијците и Полјаците и Холанѓаните.

Живописната природа, синото море со сите нијанси, модерните и добро опремени марини за јахтите, историските места стари 3.500 години и прекрасните песочни плажи се карактеристика на ова подрачје.

„Бодрум е место кое ве тера да се вљубите во него и да сакате одново и одново да го посетувате овој извор на среќа и спокој“, истакна Арас, очекувајќи туристите од сите земји и понатаму да го избираат приморскиот град како дестинација за одмор ова лето.

- Луксузниот туризам во Бодрум -

Бидејќи Турција никогаш не ги затвори целосно своите граници од почетокот на пандемијата на коронавирусот, Бодрум очекува летната сезона со полн капацитет да ја отвори во јуни.

И покрај падот на приходите од домашниот луксузен туризам низ светот минатата година поради пандемијата, Арас рече дека Бодрум ужива нагорен тренд во пречекувањето на туристите со поголема платежна моќ.

„Градот претставува една од најдобрите туристички дестинации во Турција и е подготвен да понуди луксузни туристички услуги“, рече тој.

„Бодрум е полн со бутик-хотели. Не можете да најдете повеќекатни хотели со капацитет од 1.000 кревети. Сите наши хотели се бутик-хотели каде што можете да добиете посебна, единствена и ексклузивна услуга“, истакна градоначалникот.

Тој додаде дека Бодрум ги има сите елементи на луксузниот туризам - безбедни и персонализирани хотели, флексибилни опции за патувања, приспособени и приватни тури, уникатни искуства и непречени патувања.

„Ова не е град каде што мора да брзате, трчајќи тука и таму. Ова исто така не е град во кој едноставно се затворате во голем хотелски комплекс. Тука можете да живеете луксузен секојдневен живот. Можете да ги почувствувате природните убавини, да шетате низ улиците, да се дружите со мештаните, да шетате на патеките крај плажите, да изнајмите јахта, да имате кратки или долги тури со брод.“

„Бодрум е една од најчесто избираните дестинации и на домашните туристи“, истакна Арас. „Во 2020 година примивме повеќе домашни туристи во споредба со претходните години... Ако го посетите Бодрум, сигурно ќе се вљубите во овој град.“

- Индиски свадби во Бодрум -

Бодрум е популарна дестинација и за Индијците што копнеат за незаборавна свадбена церемонија.

„И покрај ситуацијата со пандемијата, бевме домаќини на шест големи свадбени церемонии од Индија. Во преговори сме со неколку организатори за обезбедување повеќе вакви големи свадбени веселби оваа и наредните години.“

„Исто така, очекуваме повеќе туристи и од регионот на Пацификот.“

Аеродромот во Бодрум реализира директни летови кон 38 земји, претежно во Европа.

„Сега очекуваме некои меѓународни директни летови од азиско-пацифичкиот регион затоа што веруваме дека директните летови ќе донесат повеќе луксузни туристи“, истакна градоначалникот на Бодрум.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.