Gökhan Zobar
21 Декември 2020•Ажурирај: 23 Декември 2020
ЕДРЕНЕ
На Универзитетот „Тракија“ во турскиот град Едрене се одржа церемонија по повод 21 Декември - Денот на наставата на турски јазик на Турците што живеат во Северна Македонија, известува Агенција Анадолија (АА).
Поради пандемијата на новиот тип коронавирус (Ковид-19) и мерките на претпазливост, церемонијата се одржа онлајн, а започна со интонирање на химните на Турција и Северна Македонија.
Свое обраќање имаше генералниот конзул на Северна Македонија во Турција, Актан Аго, кој истакна дека историјата на турското образование во Северна Македонија, особено на Балканот, датира од пред многу векови и продолжи со зборовите „Образованието на турски јазик постои одамна во С. Македонија. Со доаѓањето на Отоманското Царство на Балканот во 14 век и пристигнувањето на Турците од просторите на Анадолија, на Балканот се оставени трајни споменици, а значајни активности се направени и на полето на образованието.“
На крајот генералниот конзул Аго им го честиташе Денот на наставата на турски јазик на Турците што живеат во Северна Македонија.
Проф. д-р Ерхан Табакоглу, ректор на Универзитетот „Тракија“, рече дека најголем број студенти од Балканот студираат во Турција на Универзитетот „Тракија“.
Програмата заврши по видеопрезентацијата и музичкиот перформанс.