Ahmet Furkan Mercan
23 Декември 2019•Ажурирај: 24 Декември 2019
АНКАРА (АА) - Турското Министерство за надворешни работи соопшти дека денешните пресуди изречени од саудискиот суд за случајот со убиството на новинарот Џамал Кашоги се далеку од очекуваното, јавува Агенција Анадолија (AA).
Портпаролот на Министерството, Хами Аксој, во писмена реакција наведе дека изречените пресуди се далеку од исполнување на очекувањата на меѓународната и турската јавност во врска со расветлувањето на сите детали за свирепото убиство на угледниот новинар Кашоги.
Аксој порача дека пресудите не ги задоволуваат правните норми и дека имаат недостатоци во контекст на нерасветлување на прашањето за исчезнувањето на телото на убиениот Кашоги, како и за сите протагонисти во убиството и на сите нивни можни соработници.
„Турција има правна и морална обврска да се бори за расветлување на убиството кое се случи на нејзино тло, како и за откривање и процесуирање на сите одговорни. Во тој контекст, ги повторуваме своите очекувања за соработка со саудиските институции“, порача Аксој.
Главниот државен обвинител на Саудиска Арабија, Сауд бин Абдула ал Муаџаб, денес соопшти дека судот осудил на смрт пет лица поради учество во убиството на новинарот Кашоги. Уште три лица се осудени на затворски казни во вкупно траење од 24 години. Три лица се ослободени од обвиненијата.
Тој на прес-конференцијата изјави дека во случајот за убиството на Кашоги меѓу обвинетите не биле поранешниот советник на кралот, Сауд ал Катани, и поранешниот саудиски конзул во Истанбул, Мухамед ал Отеиби. Обвинение не е подигнато ни против поранешниот заменик-шеф на саудиската Разузнавачка служба, Ахмед Асири, којшто исто така беше под истрага.
Џамал Кашоги, новинар и колумнист на весникот „Вашингтон пост“ беше убиен на 2 октомври 2018 година во саудискиот Конзулат во Истанбул.
Деталите за бруталното убиство на саудискиот новинар Кашоги сè уште не се расветлени. Турското Обвинителство откри дека тој е брутално задавен по влезот во Конзулатот и дека неговото тело е исечено на парчиња и уништено.
Властите на Саудиска Арабија дополнително признаа дека Кашоги е убиен, а не дека го напуштил Конзулатот, како што претходно тврдеа. Посмртните останки на Кашоги не се пронајдени.