Sena Güler
29 Јануари 2018•Ажурирај: 30 Јануари 2018
ХАТАЈ (АА) - Турските војници спасија жена со инвалидитет во селото Хамам во северозападното подрачје на Африн, Сирија, јавува Anadolu Agency (AA).
Слободната сириска војска, поддржана од турските вооружени сили, минатиот вторник го зазеде селото Хамам, кое лежи на стратешка локација. Терористичката група ПЈД/ПКК од селото вршеше напади врз пограничното подрачје на Рејханли, во турската област Хатај.
Војниците ја најдоа исцрпената жена за време на претресот на куќите во селото.
Жената првично беше донесена во шаторот за прва помош на турскиот Национален медицински тим (UMKE), поставен на граничната линија, се оклопно амбулантно возило на турското Министерство за здравство. По првичниот преглед, таа е пренесена во државната болница во Хатај, Турција.
Гувернерот на Кумлу, во турската област Хатај, Аднан Караосманоглу, го посети шаторот на турскиот Национален медицински тим (UMKE) и за АА изјави дека кон цивилите се покажува особена чувствителност во тековната операција во Африн.
„Нашите војници ја најдоа жената сама, на работ на смртта поради елементите на ПЈД/ПКК, во селото Хамам кое е од другата страна на турската граница“, рече Караосманоглу.
Турција ја згрижи жената со инвалидитет и ѝ обезбеди неопходно лекување, додаде тој.
Операцијата во Африн наречена „Маслинива гранка“ започна на 20 јануари, со цел расчистување на терористите на ПЈД/ПКК и ДЕАШ од подрачјето на Африн, северозападна Сирија.
Операцијата има за цел да воспостави безбедност и стабилност долж границите на Турција и во регионот, како и да ги заштити Сиријците од терористичкото угнетување и суровост.