Турскиот претседател Ердоган учествуваше во изборот на „Фотографии на годината“ на Анадолу
За време на повратниот лет од официјалната посета на Египет, Ердоган прегледа 112 фотографии во шест категории, направени од фоторепортерите и новинарите на Анадолу, кои прикажуваат настани од Турција и од светот во текот на 2025 година
АНКАРА (АА) – Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган учествуваше во гласањето на натпреварот на Анадолу „Фотографии на годината“, разгледувајќи ги фотографиите кои ги одбележаа најзначајните настани во 2025 година низ објективот на агенцијата.
За време на повратниот лет од официјалната посета на Египет, Ердоган прегледа 112 фотографии во шест категории, направени од фоторепортерите и новинарите на Анадолу, кои прикажуваат настани од Турција и од светот во текот на 2025 година.
Натпреварот е поддржан од компаниите Лајфбокс (Lifebox), АЏет (AJET) и РОКЕТСАН.
Престедателот и извршен директор на Анадолу, Сердар Караѓоз, го информираше Ердоган за значењето и содржината на фотографиите.
- Турскиот претседател гласаше за фотографија што ја презентираше на Генералното собрание на ОН -
Во категоријата „Вести“, Ердоган ја избра фотографијата „Освојувач на небото“ на Мустафа Хатипоглу.
Во категоријата „Спорт“, тој гласаше за фотографијата „Алперен“ на Есра Билгин, на која е прикажан репрезентативецот Алперен Шенѓун за време на полуфиналниот натпревар меѓу Грција и Турција на Европското првенство во кошарка минатиот септември.
Во категоријата „Див свет и животна средина“, Ердоган ја избра фотографијата „Валкани крилја“ на Шебнем Џошкун.
Во посебната категорија „Газа: Глад“, претседателот ја избра фотографијата на Али Џадалах, добитник на Претседателската награда за култура и уметност во фотографијата, која ја прикажува дистрибуцијата на храна за Палестинците кои се соочуваат со глад во Газа.
Минатиот септември, на 80. Генерално собрание на Обединетите нации, Ердоган презентираше фотографии на Анадолу за да ја прикаже, како што рече, израелската геноцидна политика во Газа, меѓу кои и фотографијата на Џадалах.
На гласањето присуствуваше и директорот за комуникации на Турција, Бурханетин Дуран.
- Гласање -
Натпреварот „Фотографии на годината“, кој Анадолу го организира од 2012 година, годинава опфаќа четири главни категории – „Вести“, „Див свет и животна средина“, „Спорт“ и „Секојдневен живот“, како и две посебни категории – „Газа: Глад“ и „Портрет“.
Гласањето се одвива на глобално ниво со опис на фотографиите на турски и англиски јазик, а учесниците можат да гласаат за неограничен број фотографии.
Гласањето ќе трае до недела, 15 февруари, до 17:00 часот по локално време (14:00 GMT), на интернет-страницата yilinkareleri.aa.com.tr.
