Muhammet Emin Avundukluoğlu
29 Јули 2020•Ажурирај: 30 Јули 2020
АНКАРА
Турскиот Парламент утринава усвои Нацрт-закон со кој се регулираат социјалните медиуми, јавува Агенција Анадолија (АА).
Законот го поддржаа Партија за правда и развој (АК Партија) и Партијата на национално движење (MHP).
Предлог-законот дава формална дефиниција за давателите на услуги на социјалните медиуми и има за цел да назначи одговорен претставник за истраги и правни постапки поврзани со навреди преку платформите. Исто така, дефинира физички или правни лица кои, како даватели на услуги, им овозможуваат на корисниците да создаваат, следат или споделуваат интернет-содржини, вклучувајќи текстови, визуелни, говорна содржина и локација.
Давателите на услуги во странство, кои имаат повеќе од милион дневни посетители во Турција, ќе треба да одредат најмалку еден претставник во земјата. Информациите за контакт со ова лице ќе бидат достапни на веб-страницата, така што ќе бидат многу видливи и достапни. Доколку претставникот на услугата е физичко, а не правно лице, тој ќе мора да биде турски државјанин.
Давателите на услуги ќе имаат 48 часа да одговорат на наредбите за отстранување на навредлива содржина. Исто така, ќе ги преземат неопходните мерки за чување на податоците за корисниците во Турција, во рамките на земјата.
Административните казни за давателите на услуги кои не ги исполнуваат обврските ќе бидат зголемени, а со цел поттикнување на почитување на законот. Претходно, казните беа меѓу 10.000 -100.000 турски лири (1.500 - 15.000 долари), но сумата сега би била меѓу 1 милион - 10 милиони лири (146.165 - 1.461.650 долари).
Пратениците, исто така, го одобрија предлогот за распуштање на Парламентот до 1 октомври заради одмор.