Merve Gül Aydoğan Ağlarcı
18 Август 2021•Ажурирај: 19 Август 2021
АНКАРА (АА) - Турскиот министер за надворешни работи, Мевлут Чавушоглу, денес оствари телефонски разговор со неговиот руски колега Сергеј Лавров за последната ситуација во Авганистан, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Чавушоглу размени мислења со шефот на руската дипломатија за развојот на ситуацијата во Авганистан, откако главниот град Кабул падна во рацете на талибанците.
Според соопштението на руското Министерство за надворешни работи, Чавушоглу и Лавров суштински разговарале за ситуацијата во Авганистан, изразиле заеднички интерес за стабилизирање на ситуацијата таму и ги повикале клучните национални сили да ја осигурат безбедноста во земјата што е можно поскоро.
„Беа разгледани и други меѓународни и билатерални прашања“, се додава во соопштението.
Чавушоглу имаше телефонски разговор за Авганистан и со министерот за надворешни работи на Јужна Кореја, Чунг Еуј-Јонг, и со австралиската министерка за надворешни работи, Марис Пејн.
Талибанците влегоа во Кабул во неделата и ја презедоа контролата врз Авганистан за прв пат по речиси 20 години откако странските сили предводени од САД влегоа во земјата во 2001 година.
Со распадот на авганистанската Влада, вниманието се насочува кон обезбедување на безбедноста на цивилите и евакуираните и уреден трансфер на власта.
Талибанците објавија дека војната во Авганистан е завршена и дека напорите за формирање инклузивна влада се во тек.